Орданчо Петков од Македонското археолошко друштво упати апел до пратениците во Собранието на РС Македонија, до Владата и до целокупната јавност – да ја разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство со кои „бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на ‘поголем јавен интерес’, зад кој всушност се крие профитерска зделка од огромни размери“
„Археолошките локалитети не се долна облека“, „Но пасаран“, „Корупција, робови и уништување. Дали се движиме кон ЕУ“, „Имате ли некаква совест“, се само дел од пораките што денеска од паркот „Жена борец“ ги испратија членовите на Националниот комитет на меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Македонското археолошко друштво до пратениците од власта.
Орданчо Петков од Македонското археолошко друштво упати апел до пратениците во Собранието на РС Македонија, до Владата и до целокупната јавност, да ја разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство со кои „бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на ‘поголем јавен интерес’, зад кој всушност се крие профитерска зделка од огромни размери“.
„Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието на РС Македонија по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата. Господа пратеници, не смеете да дозволите заобиколување на постоечките правни норми, и институционалниот систем кој државата ги изградила да го штити културното наследство, кое е од исто толку голем јавен интерес како и инфраструктурните проекти, и уставно загарантирана темелна вредност, која се заштитува во секакви околности и на целата територија. Не смеете да дозволите надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство“,
изјави Петков.
Тој ги повика пратениците да ја отворат Археолошката карта.
„Ќе видите дека во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети, кои не се случајно откритие. Што со нив? И со нив ли ќе постапува надзорен инженер? Па, Законот за заштита има предвидени одредби за постапување со културното наследство при изведување на инфраструктурни проекти, кои важат за сите, а треба да важат и за овој проект“,
порача Петков.
Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија за време на денешниот собир изјави дека со ваквата предложена измена и дополнување на овој член од Законот за заштита на културното наследство, се овозможува исклучување и дерогирање на компетентните стручни и надлежни инстанци за заштита на културното наследство, односно на институциите од системот за заштита кои се специјализиран, квалификувани и одговорни да преземат мерки за заштита на културното наследство.
„Во нивна ‘замена“, како досега нечуен преседан, се предвидува овие надлежности да му бидат доверени на надзорен инженер, кој ја нема потребната стручност ни знаење да идентификува дали се работи за случајни откритија кои претставуваат археолошки наоди ниту да постапува на стручен начин со истите, ниту да примени соодветни стандарди за нивна заштита“,
рече Бицева.
Исто така, како што рече, овој предлог закон е спротивен на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство, вклучително и на Ревидираната Европска конвенција за археолошкото наследство на Советот на Европа од Ла Велета, ратификувана од нашата земја во 2005 година.
„Предлог-законот е во спротивност и со Повелбата за заштита и управување со археолошкото наследство на ИКОМОС која ја нагласува потребата од тесна соработка меѓу инвеститорите на развојни проекти и стручните лица за заштита на археолошкото наследство. Ова е и во контекст на веќе остварената интегрирана заштита на културното наследство во нашиот правен систем, во повеќе закони кои гарантираат соодветен третман на културното наследство во системот на просторно и урбанистичко планирање, како и при изведувањето на инфраструктурни проекти“,
изјави Бицева.
Како што посочи таа, доколку и спротивно на научните принципи и нивните укажувања овој предлог-закон биде ставен на собраниска расправа, бараат од пратениците во Собранието истиот да не го прифатат, апелирајќи на нивната индивидуална свест и совест.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, минатата недела закажа итна седница за денеска, на чиј дневен ред се предлог-закони на девет закони поврзани со коридорите 8 и 10-д. Станува збор за предлог-измени и дополнувања на законите:
- за земјоделско земјиште;
- за експропријација;
- за заштита на културното наследство;
- за урбанистичко планирање;
- за минерални суровини;
- за работни односи;
- за шумите;
- за градење како и на
- за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
(АНАЛИЗА) За „Бехтел и Енка“ ќе важат други правила – власта преку ноќ менува девет закони
Сите измени се поврзани со изградбата на автопатските делници од споменатите коридори кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Предлагачи на измените и дополнувањата по скратена постапка се пратеници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.