Министрите од Г7 се согласија да ја координираат својата поддршка за обнова на украинските системи за снабдување со енергија и вода, откако неодамнешните руски напади врз клучната инфраструктура оставија милиони луѓе без струја и вода
Министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум индустриски најразвиени држави (Г7) денеска се согласија да ја координираат својата поддршка за обнова на украинските системи за снабдување со енергија и вода, откако неодамнешните руски напади врз клучната инфраструктура оставија милиони луѓе без струја и вода.
„Денес воспоставуваме механизам за координација на Г7 за да и помогнеме на Украина да ја поправи, обнови и одбрани својата критична енергетска и водна инфраструктура“,
се вели во заедничката изјава по дводневната средба во Германија.
Во зедничката изјава се додава „oдлучно ќе стоиме покрај Украина се додека тоа е потребно.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба виртуелно се приклучи на состанокот на Г7 кој рече дека во последните недели Русија ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина со проектили и беспилотни летала од што веќедо 40 отсто од електроенергетскиот систем на земјата е уништен.
Г7 повика и на мирно решавање на споровите во Тајванскиот Теснец и ја потсети Кина да се воздржи од закани или употреба на сила.
Групата седум најбогати демократии, исто така, соопшти дека ќе продолжи да го поставува пред Кина прашањето за пријавените прекршувања на човековите права во земјата, вклучително и во автономниот регион Синџијанг Ујгур и Тибет. Тие истакнаа дека ќе продолжат да бараат конструктивна соработка со Кина и дека нема промена во нивните основни позиции за Тајван, вклучително и наведената политика за една Кина.
Земјите од Г7 ги осудија активностите на руската платеничка компанија „Вагнер“ во Мали и на други места во Африка, каде нејзини борци се обвинети за кршење на човековите права.
„Згрозени сме од злоупотребите и прекршувањата на човековите права врз цивилите, вклучително и оние извршени од терористичките групи и од силите на Вагнер групата поврзани со Русија во Мали“,
потенцираа во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Германија, Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Јапонија и САД.
Земјите од Г7 му се заканија на Минск со дополнителни санкции доколку Белорусија поактивно учествува во конфликтот во Украина.
Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 го повторија својот повик до белоруските власти да престанат да и помагаат на Москва, вклучително и дозволување на руските вооружени сили да ја користат белоруската територија за лансирање ракети кон Украина.
Шефовите на дипломатии на Г7 изјавија „доколку земјата поактивно се вклучи во руската војна, белоруските власти ќе платат висока цена“.