Од Фондот за здравствено осигурување велат дека во целост се постапува по извештајот на ДЗР и дека тој во голема мера ја олеснува детекцијата на проблемите и му овозможува на ФЗО да се фокусира на нивно отстранување
Во направената ревизија на работата на ФЗО во 2021 година, државниот ревизор утврдил пропусти при издавање лекови, дупки во ИТ-системот, неправилности при исплата на породилно отсуство, како и во постапката во која осигурените лица се упатуваат на лекување во странство
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) информира дека констатирал дел од недостатоците кои беа објавени во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на оваа институција во периодот од 2021 година, а во таа насока вели дека ќе постапува со цел решавање на проблемите кои ги детектирал државниот ревизор.
Во соопштението кое денеска од ФЗО го испратија до медиумите се посочува дека, меѓу другите, Фондот ги констатирал недостатоците при контролите во процесот на препишување и издавање на лекови – нешто што беше забележано и во ревизорскиот извештај на ДЗР.
Во соопштението се вели дека Фондот од 1 април 2021 година вовел системска контрола на единствениот број на рецептот што се издава, а со тоа, како што посочуваат, истиот број не може да се јави повеќепати за секоја фактура посебно. Додаваат дека од октомври истата година сите подрачни служби на Фондот биле задолжени да прават дополнителни контроли на рецепти кои во системот се појавиле со ист единствен број на рецепт.
„Од страна на подрачните служби, извршено е намалување на износите кои се констатирани како невалидни. По оваа активност, Фондот овозможи поврзување со системот на „Мој термин“, и преземање на податоци добиени од него. Воведе и дополнителни контролни механизми кои отпочнаа да се користат за фактурите на рецептите од април 2022 година. Резултат на оваа контрола и поврзување е оневозможување исплата на невалидни рецепти“,
велат од ФЗО и додаваат ќе воспостават контрола на издавањето лекови со поставувањето на софтвер кој ќе биде наменет за пропишување, издавање и фактурирање рецепти.
Во однос на забелешката на ДЗР за контролните активности при остварување на правата од здравствено осигурување, од Фондот посочуваат оти таквите активности се предмет и работа на истражните органи, а дека ФЗО спроведува контрола врз основа на законски пропишаните параметри и нема истражни надлежности.
„Во однос на обезбедување на сите здравствени услуги за осигурениците, Фондот има склучено договори со сите ПЗУ кои имаат добиено решение за влез во мрежата од Министерството за здравство и имаат доставено барање до Фондот за склучување договори за влез во мрежата. Таа постапка е утврдена со Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување“,
додаваат од Фондот.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека самостојно ги утврдиле и недостатоците кои беа посочени и во извештајот на ДЗР, а кои се однесуваат на исплатата на надоместоците за породилно отсуство. Велат дека станува збор за период на пандемија во 2020 и 2021 година кога со владина одлука е одлучено да се продолжи породилното боледување во услови на пандемија.
„За време на продолжувањето, одреден број работодавци не известиле дека дел од родилките се вратиле во редовен работен однос, и со тоа дел од родилките примале и породилно боледување и редовен месечен надомест. По однос на овој проблем е веднаш постапено, при што поголемиот дел од работодавачите ги коригираа редовните месечни надомести, а кај останатите (околу 60) се пристапи индивидуално, за да се надмине проблемот“,
се вели во објаснувањето од ФЗО.
Од ФЗО очекуваат надминување и на слабостите кои ДЗР ги утврдил во ИТ-системот на институцијата. Во таа насока велат дека минатата година Фондот отпочнал постапка за набавка на податочен центар и миграција на апликации и податоци.
„Јавната набавка е распишана на 30 септември 2022 година, додека договорот е склучен на 9 декември 2022 година, при што избраната компанија започна со работа од 1 јануари 2023 година. Според планот и спецификацијата, првата фаза, односно миграцијата на системската инфраструктура треба да се реализира во февруари, а по која би почнала миграцијата на апликативна и податочна инфраструктура“,
се вели во соопштението на Фондот.
Во однос на забелешката за изрекувањето на договорните казни, од Фондот известуваат дека констатацијата се однесува на 2020 и 2021 година кога ЈЗУ и ПЗУ функционирале во пандемиски услови и кога постоеле заостанати договорни казни. Со формирањето на новите комисии, пак, како што велат оттаму, се работело во континуитет за расчистување на застојот, со што оваа состојба се надминува.
„За забелешката за одобрување и реализација на условниот надоместок во ЈЗУ, Фондот за потребите на ЈЗУ одобрува условни буџети строго за наменски набавки (пример, набавка на лекови кои не се на позитивната листа, а се неопходни за третирање на пациенти). Во 2022 година има изменета пракса во која средствата се исплатуваат по прикажување на фактура за набавка на конкретниот лек со цел да се обезбеди максимална контрола, согласно претходните укажувања на ДЗР“,
се наведува меѓу другото во соопштението на ФЗО согласно забелешките од извештајот на ДЗР.
Забелешката од Државниот завод за ревизија за постапката за упатување на лекување во странство, од Фондот велат дека е целосно надмината со носењето на правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство. Со правилникот кој е донесен минатата година, од ФЗО посочуваат дека, меѓу другото, е уредено склучување договори со здравствени установи во странство, критериуми и постапка за избор на тие установи, со кои е опфатен и начинот на користење на здравствените услуги во ПЗУ во РСМ.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека во целост се постапува по извештајот на ДЗР и дека тој во голема мера ја олеснува детекцијата на проблемите и му овозможува на ФЗО да се фокусира на нивното отстранување.