Ова прашање е многу загрижувачко затоа што покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, ова е нешто што ЕУ не смее да го потцени, вели Фуере
Заканите за блокирање на преговарачкиот процес со ЕУ од страна на Бугарија треба да ја загрижат Европската Унија, вели поранешниот амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, Ерван Фуере, во изјава за МИА.
Тој предупредува дека најавите за можна блокада од Бугарија можат да го загрозат регионот.
„Ова прашање е многу загрижувачко затоа што покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, ова е нешто што ЕУ не смее да го потцени, ниту земјите членки ниту институциите на ЕУ, ова е многу сериозен проблем, кој сме го виделе и во минатото со Словенија и Хрватска и покажува колкава е тежината на историјата на западниот Балкан“,
вели Фуере.
Тој се надева дека билатералните разлики помеѓу Скопје и Софија за идентитетските прашања нема да се дозволи да го попречат процесот на интеграција на Северна Македонија.
За Фуере би било добро да се изјасни и специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, назначен пред неколку месеци од страна на шефот на европската дипломатија Жосеп Борел, за дијалогот Белград-Приштина, но и за други регионални спорови.
„Би било добро специјалниот претставник за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан да се занимава со овие прашање во даден момент, инаку постои опасност да се попречи пристапниот процес и да се зголеми националистичкото чувство во време кога треба да се промовира помирување во земјата и во регионот. Јас не би ја потценувал загриженоста што ја предизвикува ова прашање“,
коментира Ерван Фуере во изјавата за МИА.
На новинарско прашање дали ЕУ ќе посредува во надминување на несогласувањата со Бугарија, еврокомесарот Оливер Вархеји денеска на прес-конференција со премиерот Зоран Заев рече дека не би драматизирал околу ова прашање, иако, како што вели, прашањето е сериозно. Вархеји рече дека кај премиерите Заев и Борисов гледа посветеност, а се надева дека тие како ЕУ ќе помогнат колку што ќе можат за да се најде решение.
