Линекер во емисијата „Мечот на денот“ работи веќе 20 години, но оваа недела Би-би-си побара од него да се повлече, на барање на конзервативците, поради неговите коментарите на Твитер во кои одлуката на министерката за внатрешни работи Суела Браверман, со која практично им се оневозможува влезот на сите мигранти во Велика Британија, ја спореди со нацистичките закони во Германија во 1930-тите и ја нарече „повеќе од ужасна“ и „крајно сурова“

Најпопуларното фудбалско шоу во Англија, „Мечот на денот“ на Би-би-си, во саботата по првпат во својата историја се емитуваше без коментатори и гости во студиото. Тоа е последица на одлуката на Би-би-си да го суспендира Гери Линекер, по што многу поранешни фудбалери, а денешни коментатори и водители, го откажаа учеството во емисијата. Впрочем, Би-би-си одлучи шоуто да се одвива без студиско претставување и без коментатори и да се „фокусира на акцијата на теренот“.
Линекер во емисијата „Мечот на денот“ работи веќе 20 години, но оваа недела Би-би-си побара од него да се повлече на барање на конзервативците поради неговите коментарите на Твитер во кои одлуката на министерката за внатрешни работи Суела Браверман со која практично им се оневозможува влезот на сите мигранти во Велика Британија, ја спореди со нацистичките закони во Германија во 1930-тите и ја нарече „повеќе од ужасна“ и „крајно сурова“.
Браверман се пожалила во редакцијата на Би-би-си за објавата на Линекер на Твитер, па Би-би-си објави соопштение во кое се наведува дека ќе имаат „искрена дискусија“ со нивниот многу популарен водител и лице на спортската програма и ќе го отстранат од шоуто додека не „постигнат договор и јасен став во однос на неговата употреба на социјалните медиуми“.
Би-би-си му порача на Линекер дека ќе биде вратен на функцијата доколку јавно се извини за изјавата. Но, славниот фудбалер не ни помислува на тоа. Резултатот од сето тоа беше набрзина склопена емисија која се емитуваше во саботата без познатите најави, само со резимеа од натпреварите и тонот од натпреварите, без никаков коментар.
Линекер доби огромен број пораки со поддршка околу целата ситуација, а неговите колеги решија солидарно да го прескокнат шоуто. Дури и Алекс Скот, водителка на неодамна наградената емисија „Фудбал Фокус“, го откажа настапот во нејзината емисија, со што стави крај на шпекулациите дека таа би можела да го замени Линекер во „Мечот на денот“.
На крајот, Би-би-си го симна и нејзиното шоу. Во Англија сега многумина бараат оставка од генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, но тој не размислува за тоа.
„Ќе ја решиме оваа ситуација. Жал ми е за непријатностите, беше тежок ден и жал ми е што публиката беше погодена. Одлуките се засноваат на свесноста за тоа што е Би-би-си. Тешко е и тоа е оваа рамнотежа помеѓу слободата на говорот и непристрасноста. Ние сме жестоки поборници за демократска дебата и слобода на говор, но со тоа доаѓа и потребата да се создаде непристрасна организација“,
рече тој.