Откако на социјалните мрежи беше објавено дека се бара Андреј Лазаров, се огласија од Шкупи од каде што посочија дека тој е хоспитализиран на интензивна нега во болница во Штип со изгореници по делови од телото и дека е надвор од животна опасност. Сепак, Лазаров не издржал и им подлегнал на повредите

Фудбалерот на Шкупи, Андреј Лазаров, од Кочани го загуби животот во изгорената дискотека, информираат од фудбалскиот клуб.
Откако на социјалните мрежи беше објавено дека се бара Андреј Лазаров, се огласија од Шкупи од каде што посочија дека тој е хоспитализиран на интензивна нега во болница во Штип со изгореници по делови од телото и дека е надвор од животна опасност.

Сепак, Лазаров не издржал и им подлегнал на повредите.
„Иако претходно имавме информации од неговото семејство дека е во стабилна состојба, со длабока болка и огромна тага ја споделуваме веста дека нашиот фудбалер, Андреј Лазаров, е потврден како една од жртвите во трагичниот пожар што се случи во текот на ноќта во Кочани. Како херојска душа што беше, Лазаров го загуби животот обидувајќи се да им помогне на другите да се спасат од просторот зафатен од пожар. Тој се задуши од чадот за време на неговите обиди да спаси животи, покажувајќи храброст и хуманост до последниот момент. Неговиот херојски чин засекогаш ќе остане во нашето сеќавање, како сведоштво за неговиот благороден карактер и неговото големо срце. Ова е огромна загуба за нашиот клуб, за неговите соиграчи и за целата фудбалска заедница. Зборовите се мали за да ја опишат болката што ја чувствуваме во овие моменти, во оваа трагедија – една од најголемите во која е погодена нашиот клуб во неговата историја. ФК Шкупи изразува најискрено сочувство до неговото семејство, неговите блиски и целото големо семејство на нашиот клуб. Андреј беше дел од Шкупи само шест месеци, но неговото име засекогаш ќе остане неизбришлив дел од нашиот тим. Споменот за него ќе живее вечно во нашите срца“,
напишаа од клубот на својата официјална фејсбук-страница.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа најмалку 59 луѓе, а 155 се повредени. За четири лица е распишана централна потерница, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во пожарот животот го загуби и тапанарот на групата ДНК, Горги Горгиевски.