„Амбасадорот моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува. Но начинот што МНР го избира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финансиското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста“, стои во реакцијата на Мисијата на РСМ во ООН во Њујорк
Срамна и мизерна е забелешката на службите во Министерството за надворешни работи и трговија (МНР) дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат, ненадејни настани кои го принудија привремено да искористи пари од Мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства. Ова е реакцијата и демантот до медиумите од амбасадорот Љубомир Фрчкоски во Постојната мисија на РСМ при ООН во Њујорк откако пред неколку дена во медиумите излезе информација дека тој е повикан на консултации во ресорното министерство поради, како што објави ТВ Канал 5, повикувајќи се на извор од МВР, финансиски малверзации – затајување материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР.

„Во медиумите низ Македонија деновиве се шират лаги за финансиското работење на Постојана мисија на Република Северна Македонија при ООН во Њујорк и за амбасадорот, професорот Љубомир Фрчкоски, со поднаслов „од извори на МНР“. Клучниот дел од тие лаги поранешниот министер Бујар Османи ги демантираше јавно нарекувајќи ги токму така „лаги“, а се однесуваа на добиените пари за сукцесија на објектот на поранешната СФРЈ во Њујорк. Да потсетиме, конструкциите се однесуваа на тврдењата дека ‘амбасадорот со тогашниот премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде законски припаѓаат‘“,
се вели во демантот.
За тие тврдења кои сега, како што пишува во демантот испратен од Фрчкоски, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, Мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од уплати на тие пари од сукцесијата во буџетот во три наврати (Прилог 1,2,3).
„Со што целосно се демантираат тврдењата на МНР (да биде состојбата за службите таму потрагична, тие кои сега се нудат да “им учинат на новите власти“ овие документи на време ги имаат на увид и во поседство)“,
пишува во демантот.
Во демантот на амбасадорот се вели и дека службите во МНР не ѝ доставуваат на мисијата соодветни средства за лекарско осигурување на вработените во мисијата со што се крши законската обврска тоа безусловно да се обезбеди (на основа на погрешно направен тендер на вработена во мисијата која сега е во кабинетот на Министерот), а чие необезбедување повлекува кривична одговорност.
„Мисијата чува некои минимални средства на државната, своја сметка во случај МНР да не обезбеди средства, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД. (Прилог 4 Состојба на банкарска сметка) И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно“,
стои во реакцијата.
Оттаму велат дека срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија.
„Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го принудија привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“,
се вели во демантот.
Од мисијата на РСМ во ООН велат и дека не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата, како што се вели во демантот, кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти.
И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, потврдува мисијата, моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува. Но начинот што МНР го избира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финансиското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста“,
се вели во реакцијата.
Мисијата на РСМ во ООН го повикува МНР да испрати ревизија која, како што се вели во рацијата, ќе ја утврди состојбата во целокупното работење.
„На крајот посебна трагедија во МНР е фактот што со ниту еден единствен збор не посочија на резултатите на Мисијата на Северна Македонија во ОН овие две и пол години. Во извештаите ги имаа сите факти, проекти и настапи. Исклучително значајни резултати. Но, за тоа во некои подобри времиња“,
велат од мисијата во ООН.
Повикувајќи се на извори од МНР, телевизијата Канал 5 објави дека Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството поради финансиски малверзации – затајување материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР.
Во март 2022 година Љубомир Фрчкоски замина како амбасадор на земјава во ОН откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша указот за негово заминување во мисијата. Фрчкоски, сепак, не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи бидејќи тогашниот комисиски претседател Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во најмалку два наврати, не закажа седница на Комисијата.
Од кабинетот на шефот на државата тогаш објаснија дека постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на МНР, што Фрчкоски го направил уште во 2021 година.