Во текот на целата кампања помеѓу двата круга, водството на Макрон пред Ле Пен во анкетите беше помало од тоа пред пет години
По две недели, гласачите во Франција утре повторно ќе се вратат на избирачките места за да гласаат во вториот круг од претседателските избори во кој ќе се соочат актуелниот претседател Емануел Макрон и неговата екстремно десничарска ривалка Марин Ле Пен. Во првиот круг актуелниот претседател освои 27,8 отсто, а неговата противкандидатка 23,1 отсто о гласовите.
Анализирајќи ги анкетите во пресрет на вториот круг од изборите, „Политико“ пишува дека се чини оти Макрон има најголеми шанси за реизбор од кој било друг француски претседател долги години наназад. За Ле Пен, пак, утрешното гласање е исклучително важно зошто од него ќе зависи и нејзината политичка иднина. Пораз, што би бил втор откако и пред пет години беше поразена од Макрон, би значел дека таа веројатно ќе мора да се повлече и да го отстапи местото за ново раководство на партијата Национален собир.
„Политико“, собирајќи ги податоците од сите достапни анкети, наведува дека Макрон би победил на утрешните избори со оглед дека на негово конто би завршиле 55 отсто од гласовите во вториот круг, што е за 10 процентни поени повеќе од Ле Пен. Сепак, ваквата разлика би била потесна од таа што беше на изборите во 2017 година, кога се соочија овие два кандидати – тогаш Макрон во вториот круг победи со 66,1 отсто од гласовите, додека Ле Пен имаше 33,9 отсто.
Меѓутоа, во текот на целата кампања помеѓу двата круга, водството на Макрон пред Ле Пен во анкетите беше помало од тоа пред пет години. Пред првиот круг, рејтингот на Макрон беше зајакнат откако Русија ја нападна Украина на крајот на февруари, но потоа предноста се стеснуваше. Влегувајќи во последната недела пред изборите, разликата повторно се зголеми.
Како што анализира „Политико“, победата во вториот круг за кој и да е од двајцата кандидати може да зависи од тоа како ќе гласаат приврзаниците на левичарот и ветеран Жан Лук Меланшон. Тој постигна изненадувачки резултат во првиот круг, пласирајќи се на третото место со освоени близу 22 отсто од гласовите. Анкетите пред вториот круг покажуваат дека поголем дел од гласачите на Меланшон го слушаат неговиот апел да не гласаат за Ле Пен и оти или ќе го поддржат Макрон или воопшто нема да излезат на гласачките места. Од друга страна, Ле Пен, пак, може да смета на гласовите на нејзиниот поранешен ривал во екстемнодесничарското крило Ерик Земур. Тој во првиот круг освои 7 отсто, меѓутоа тие гласови нема да ѝ бидат доволни на Ле Пен за утре да освои мнозинство.