Споредбата на документите покажува разлики меѓу францускиот предлог од 17 јуни и актуелниот во делот на почетокот на пристапните преговори и на (не)споменувањето на билатералните протоколи кон Договорот со Бугарија во Преговарачката рамка
Владата денеска ги објави документите поврзани со т.н. француски предлог, односно обидот на довчерашното француско претседателство со ЕУ да се крене ветото од Бугарија за Северна Македонија да ги почне пристапните преговори.

Станува збор за пакет од неколку документи кои треба да се разгледуваат како целина, бидејќи се меѓусебно поврзани. Меѓу нив, со најголемо значење е Преговарачката рамка, која ги трасира начинот на кој ќе се водат и содржината на пристапните преговори за Северна Македонија. Заедно, документите имаат 33 страници и, барем засега, се достапни само на англиски јазик.
„360 степени“ го објави и првичниот француски предлог, па сега направивме споредба – кои се разликите меѓу двата документи.
Почеток на почетокот на преговорите
Едната разлика е поврзана со прашањето за почеток на пристапните преговори.
Францускиот предлог од 17 јуни предвидуваше Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Исто така, се предвидуваше Советот на истиот состанок да донесе одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ќе ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите. Еве ја формулацијата од првичниот француски предлог (заклучоците на Советот на ЕУ) за почетокот на преговорите:

Во актуелниот модифициран предлог, слично на претходниот, се предвидува дека Советот на ЕУ ќе ја усвои Преговарачката рамка и ќе закаже политичка меѓувладина конференција. Новината е воведувањето на т.н. „фаза за отворање“ на пристапните преговори, која започнува со политичката меѓувладина конференција и завршува со нова (втора) меѓувладина конференција, која би се случила (без потреба од нова политичка одлука на Советот на ЕУ) по завршување на уставните промени за вметнување на Бугарите. Меѓу првата и втората меѓувладина конференција би се одвивал процесот на скрининг. Презентирањето на Преговарачката рамка е предвидено да се случи на втората меѓувладина конференција. Еве ја формулацијата од модифицираниот предлог (Заклучоците на Советот на ЕУ) за почетокот на преговорите:

Наместо протокол, годишни прегледи според член 12
Една од главните причини поради кои првичниот француски предлог не беше прифатлив за Владата беше споменувањето на билатералните протоколи кон Договорот со Бугарија во делот од Преговарачката рамка каде се зборува за следењето на резултатите во областа на добрососедските односи. Во таа верзија од францускиот предлог, во заграда, стоеше следниот текст (види факсимил подолу):
„…како и билатералните протоколи за негова имплементација (на договорот со Бугарија н.з.).“

Во новиот предлог, конкретно во Преговарачката рамка, ја нема фразата „билатерални протоколи“. На тоа место е додадена нова формулација (види факсимил подолу):
„…како и годишните прегледи и мерки за негова ефективна имплементација согласно член 12 (од договорот со Бугарија, н.з.)“.

Инаку, членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година е механизам со кој Скопје и Софија се договорија да основаат заедничка меѓувладина комисија која ќе одржува средби еднаш годишно, со цел преглед на ефективната примена на Договорот (види факсимил подолу).

Протоколот што треба да го потпишат министрите за надворешни работи (пред Советот на ЕУ да ја утврди Преговарачката рамка и да донесе одлука за одржување на двете меѓувладини конференции) се споменува во заклучоците на Советот и во изјавата за отворање на ЕУ за првата меѓувладина конференција, со оценка дека станува збор за „важен чекор што ќе придонесе за добрососедски односи и регионална соработка, кои остануваат суштински елементи на процесот за проширување“.