Во акцијата учествуваше и спасувачки хеликоптер со специјален тим од САЕ „Тигар“, кој пристигна на брегот на езерото, подготвен за итна интервенција
Спасени се двете лица на кои денеска попладне им се преврте чамецот во водите на Мавровското Езеро, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму велат дека двете лица се извлечени и се наоѓаат во возило на Итната медицинска помош.
Во акцијата учествуваше и спасувачки хеликоптер со специјален тим од САЕ „Тигар“, кој пристигна на брегот на езерото, подготвен за итна интервенција.

Истовремено, спасувачки тим со чамец се упати кон лицата кои се потпираа на својот превртен чамец.
Во меѓувреме, според ЦУК, двете лица успеале да го вратат чамецот во нормална позиција и повторно да влезат во него.
Од водите на езерото се извлечени со помош на спасувачкиот тим.
Инаку, како што информираат од ЦУК, откако им се превртел чамецот, двете лица успеале да се задржат на него. Но, поради силниот ветер и брановите, со чамецот се движеле кон хидроцентралата.
За состојбата бил известен и директорот на ХЕЦ „Маврово“, со цел да го запре производството на електрична енергија за да се избегнат струите во езерото и да се сопре движењето на превртениот чамец.