Според последните информации од надлежните, попладнево се разгорел пожар во општината Зелениково, токму во периодот кога се ставаше под контрола пожарот кај Ајватовци
За жал, пожарите не го одминаа ни Зелениково, соопштија доцна попладнево општински власти. Тврдат дека на територијата на таа локална самоуправа има поголем пожар со неколку жаришта.
Ако пожарот продолжи неконтролирано да се шири, стравуваат дека може да бидат загрозени и домовите.




„Во повеќето жаришта кои горат на голем потег помеѓу три населени места (Страхојадица, Смесница и Ново Село) на прв удар се нискостеблеста, високостеблеста шума, како и бандери за електродистрибуција. На непосредна близина и втори засегнати се инфраструктурата на железница, училиштето во Страхојадица и многуте домаќинства ако огнот продолжи да се шири.
Општината, ЈКП Зелениково, ДПД Зелениково се на терен постојано заедно со БППЗ – Драчево со две противпожарни возила. Во постојана координација сме со Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување – Drejtoria për mbrojtje dhe shpëtim и ЈП ‘Национални шуми’ – Караџица.
Благодарност и до локалното население кое доброволно помага во борба со стихијата“,
соопштија од Општина Зелениково.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека барем еден од хеликоптерите на МВР, кој беше ангажиран на пожарот кај Ајватовци, се упатил кон Зелениково.
„На терен се пожарникарите од БППЗ Скопје со подршка на Доброволното ПП-друштво од Зелениково, гори трева, нискостеблести растенија и ниска шума.
Состојбата во текот на ноќта ќе ја следат пожарникарите од БППЗ Скопје“,
соопштија од Центарот за управување со кризи.
Додека вечерва во фокусот ќе биде Зелениково, денеска најмногу активности за гасење на пожари имаше во околината на селата Ајватовци и Бучинци.
„Едниот крак на пожарот кај Ајватовци е ставен под контрола, вториот крак се движи кон манастирот каде дел од вегетацијата е изгорена од вчера.
Нема опасност по населени места“,
соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи.
Во гасењето беа вклучени и противпожарните авиони „ертрактор“.