Осветлени и обоени со македонски стихови и цитати на дејци се Собранието, Скопското Кале, Самоиловата тврдина во Охрид, Спомен куќата на Блаже Конески во Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, гимназијата Јане Сандански во Струмица, црквата „Свети Никола“ во Крушево и Спомен Костурницата во Велес
По повод Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, неколку јавни локации низ државата вечерва се осветлени и обоени со најсилните стихови од македонска поезија и музика и со цитати на дејци кои силно се врежани во меморијата на македонската култура и идентитет, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Освеетлени и обоени со македонски стихови се Собранието, Скопското Кале, Самоиловата тврдина во Охрид, Спомен куќата на Блаже Конески во Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, гимназијата Јане Сандански во Струмица, црквата „Свети Никола“ во Крушево и Спомен Костурницата во Велес.
„Денес се радуваме на сѐ што правиме за македонскиот јазик. Тоа ни дава сила за уште од утре да продолжиме уште повеќе да го чуваме, учиме и промовираме. Во таа чест и во чест на Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, неколку маркантни јавни локации низ државата вечерва ги осветливме и обоивме со најсилните стихови од македонска поезија и музика и со цитати на дејци кои силно се врежани во меморијата на македонската култура и идентитет. Вечерва македонскиот јазик најсилно ќе зрачи“,
напиша Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук.
Во продолжение погледнете ги фотографиите и видеото од објектите кои се осветлени во чест на Денот на македонскиот јазик.








Под слоганот „Пишувај кирилица!“ денеска земјава го одбележува 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Народна Република Македонија, е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо врз принципот еден глас – една буква.