Сѐ уште трае увидот на надлежните во познатото кафуле „Фонтана“ во Трговскиот центар „Мавровка“ чија тераса синоќа целосно изгоре. Во моментов на терен во скафандер се полициски лица.

Пожарот во полиција бил пријавен синоќа околу 1:50 часот, повредени нема.

Никој ништо не слушнал
„360 степени“ разговараше со граѓани кои живеат во близина на кафулето. Со оглед на тоа што пожарот се случил доцна во ноќта, граѓаните велат дека не слушнале никаква експлозија. Сепак, не се изненадени од инцидентот.
Од МВР засега нема официјални информации како настанал пожарот. Полициски извор за „360 степени“ вели дека МВР има првични индиции дека пожарот бил подметнат и ја истражува позадината на настанот. Неофицијално, се смета дека синоќешниот пожар е дел од пресметките на две криминални банди кои траат подолго време во Скопје и на неговите периферии.

Кафулето не е мета првпат
Во февруари 2019 година беа поставени две експлозивни направи кај објектот кој е на неколку нивоа, од кои едната експлодираше и предизвика материјална штета на околните дуќани.
Синоќешниот пожар целосно го пеплоса горниот дел од објектот. По пријава, потивпожарната едница на Град Скопје интервенирала со 7 возила и 21 пожарникар.
