Нашето барање е линеарно зголемување на платите за 3 000 денари за секој вработен. Нивниот предлог е линеарно зголемување на платите првенствено на технолошкиот процес од 1.6.2022 и, со оглед на финансиските можности, за другите вработени во администрацијата да биде од 1.8.2022. Денеска, штом со синдикалните одбори ќе ја добиеме понудата, ќе седнеме да разговараме за прифаќање, ќе подготвиме спогодба и доколку се прифати понудата од Управниот одбор и се потпише спогодбата штрајкот ќе биде прекинат, изјави претседателот на Синдикатот Боро Велигденов
„Штрајк на вработените во Пошта“. Вакви известувања на македонски и на албански јазик стојат на влезот во централата на „Пошти на С Македонија“ во Скопје. Вратите се отворени, но нема движење.
„Денеска започнавме генерален штрајк за реализација на барањата на вработените. Како што е првото барање, линеарно зголемување на платите на вработените. Нашето барање е за 3 000 денари линеарно за секој вработен, предлогот од страна на Управниот одбор е исто така за тој износ преточен во бодови, како што е уредено согласно Колективниот договор на Македонска пошта“,
изјави Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на „Пошти“.
На прес-конференцијата беа и членовите на Управниот одбор, со кои утрово Синдикатот започнал интензивни преговори. Велигденов рече дека веќе има предлог од нивна страна што треба да го разгледаат уште денеска со одборите на синдикалните организации.
„Нивниот предлог е линеарно зголемување на платите, првенствено на технолошкиот процес од 1.6.2022, и со оглед на финансиските можности за останатите вработени во администрација да биде од 1.8.2022. Денеска, штом со синдикалните одбори ја добиеме понудата, ќе седнеме да разговараме за прифаќање, ќе подготвиме спогодба и доколку се прифати понудата од Управниот одбор и потпишување на спогодбата, штрајкот ќе биде прекинат. Дотогаш штрајкот ќе биде во тек. Се исполнува нашето барање со компромис согласно финансиските можности, нашето барање е покачувањето да биде веднаш, но и ние како синдикати треба да имаме разбирање. Денеска ќе имаме одбор на синдикалните организации, не можеме сами да одлучиле, ќе се направат консултации и ќе бидете навремено информирани“,
најави тој.
Во моментов во „Пошти“ има околу 2 160 вработени. Зголемувањето на платите од 1 јуни би било за оние во технолошкиот процес – поштари, шалтерски работници и сите други во оператива, чиј број изнесува негде околу 1 700 вработени. За другите тоа би било од август, а тоа е администрацијата и тие се околу 400 и нешто.
Според синдикалните организации, работата на АД „Пошта на Северна Македонија“ ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно член 49 од Законот за поштенски услуги и Колективниот договор на ниво на работодавач – прием, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки кои се однесуваат на препорачани судски пратки, препорачани пратки од безбедноста и одбраната и одредени други препорачани пратки кои се наведени во законската регулатива.
Директорот на „Пошти“, Јани Макрадули, се заблагодари на подготвеноста за дијалог на двете синдикални организации и на сите вработени кои согласно членот 49 од Законот за поштенски услуги ги исполнуваат обврските онака како што е предвидено и граѓаните можат оние судски препорачани пратки да ги добијат, дека се примаат и доставуваат.
Одговарајќи на прашање дали навистина има 200-300 вработени што не доаѓаат на работа со години, а земаат високи плати, како што велат од Синдикатот, Макрадули рече дека тоа не се дозволува и дека минатата година поради незаконско постапување и непостапување, согласно актите на друштвото, 47 вработени го изгубиле работното место.
„Ние се обврзуваме, практично, да нема нови вработувања иако има голем природен одлив на вработени кои одат во пензија – 66 проценти од вработените се над 55 години и тоа за технолошкиот процес е напорно за некои луѓе оти е секојдневно. Нашата компанија не престана да работи и за време на пандемијата, иако не бевме во приоритетните списоци на вакцинирање, нашите поштари беа секаде и не престанавме со работа дури и со размената со нашите соседи што мислам дека треба да биде ценето и наградено. Но, во услови кога нема реален закон за поштенски услуги во делот на либерализацијата, бидејќи кај нас има квазилиберализација, за фер пазар ни треба еден поинаков амбиент кој не зависи само од вработените, од менаџментот на пошта туку од повеќе институции“,
рече тој и упати апел до Собранието да го донесе законот за поштенски услуги кој е во собраниска процедура.
За Синдикатот со овој закон ќе се пролонгира либерализацијата за вршење на универзалната услуга во „Пошта“ која ќе им даде простор со комплетна реорганизација која е дел од преговорите со Управниот одбор, да се направи реорганизација, нова систематизација и со сето тоа да се воведе професионализам и позиционирање на пазарот за поштенски услуги.
И додека на вратите на централата стои известувањето за штрајк, од обиколката на две експозитури во Градскиот трговски центар и во трговскиот центар „Рамстор“ кај старата железничка станица забележавме дека тие работат – во ГТЦ имаше и клиенти кои чекаа на шалтерите, додека во „Рамстор“ вратата беше отворена и имаше вработена на шалтерот. Во ниту една од двете експозитури немаше оставено известување за штрајк.