Илјадниците демонстранти пред Влада беа со транспаренти „Македонскиот јазик не е фуснота“, „Не!“, „Колкаво бугарско маче е Таче?“, „Партизаните не преговараат со фашисти“, итн. Протестот помина без инциденти, а меѓу присутните беа и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, како и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев
Околу еден час вечерва траеше масовниот протест пред Владата против францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија. Владата беше под засилено полициско обезбедување, а протестот помина без инциденти. Демонстрантите беа со транспаренти „Македонскиот јазик не е фуснота“, „Не!“, „Колкаво бугарско маче е Таче?“, „Партизаните не преговараат со фашисти“ итн.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и партијата Левица го најавија протестот уште вчера. Пред почетокот на протестот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјава за медиумите порача – не ни треба Европа, ако треба да се асимилираме.
„Нас не ни треба Европа, ако треба да се асимилираме. Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство“,
кажа Мицкоски.
Официјални говорници на бината беа презентерката од јавниот сервис Гордана Ѓорчева и спортскиот новинар на МРТ Тони Стојановски, новинарот Коле Чашуле, понатаму, професорките Наташа Котлар, Елка Јачева – Улчар, композиторката Дарија Андовска, како и уметникот и поранешен кандидат за градоначалник на Град Скопје – Петар Ѓорѓиевски Камиказа. Сите порачаа дека францускиот предлог е неприфатлив.
„Понудата од бугарска страна е да се обезимени нашиот јазик кој како Македонски егизстира и во научната и во светската јавност без малку еден век. Македонскиот јазик Македонци не е ничиј дијалект. Тој како секој стандарден национален јазик ги има развиено сите потребни функционални стилови што ги има секој стандарден јазик во светот“,
кажа Јачева Улчар.
Меѓу присутните на вечерашниот протест пред Влада беше и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, како и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Протестот беше насловен „Ултиматум – не благодарам“.