По синоќешното невреме што го зафати Кавадарци, до Општината пристигнале педесет пријави, а триесет од нив биле за поголеми штети, изјави денеска за локалната телевизија КТВ заменик-градоначалникот на Кавадарци, Тони Нешковски.
„Во синоќешното невреме што ја зафати Општината наврнаа 40 литри дожд на квадратен метар. Пријави имаше од 50 граѓани за штети и проблеми, од кои 30 беа за поголеми и кај нив веднаш беше интервенирано“,
изјави Нешковски.
Тој рече дека се интевенирало со машини, камиони, водни пумпи, а наносите од невремето се расчитувале до раните утрински часови. Додаде дека и денеска службите продолжиле со расчистување на штетите и дека се очекува до крајот на денот, најдоцна утре градот да се врати во нормална состојба.
Заменик-градоначалникот рече дека утре ќе биде формирана комисија за проценка на штетите и апелираше до граѓаните кои имаат проблеми настанати од невремето да се обратат до Општината за тие да бидат решени.
Од ЈП „Комуналец”-Кавадарци вчера за МИА изјавија дека дел од улиците биле и блокирани поради наноси од тампон, но со брза интервенција со четири багери, неколку трактори и камиони на комуналното претпријатие, проблемот бил отстранет
Во средувањето на градот учествувале и кавадаречките пожарникари кои со пумпи испумпувале вода од поплавените објекти. Заеднички се координирале комуналните работници, пожарникарите и вработените во службата „Мој општинар”.