Во рамки на Саемот предвидени се бројни средби со автори, потпишувања на книги, едукативни работилници, трибини, наградувања … Учествуваат над 60 издавачки куќи од дома и странство, а очекувањата се дека ќе има над 30 000 посетители
Под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“, денеска во Скопје се отвори јубилејниот 35. Саем на книгата. Саемот годинава е со најбогата програма во својата историја, учествуваат над 60 издавачки куќи од дома и странство и ќе трае седум дена (од 4 до 10 мај) во арената „Борис Трајковски“ во период од 10 до 20 часот (освен 10 мај кога ќе се затвори во 18 часот).
Годинава, како што рече управителката на „Скопски саем“ и организатор на Саемот на книгата, Даниела Глигоровска, фокусот е насочен кон нагласување на важноста на мајчиниот македонски јазик.
„Културното наследство, коешто ни го имаат оставено безвременските легенди во македонската книжевност, – должност ни е да го зачуваме за сите нас, како и за сите идни генерации. Овој Саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму ’Мирисот на нова книга ја најавува пролетта‘. Истото е потсетник за најважната премиса во ова модерно темпо на живеење – да не ја заборавиме најздравата навика на модерниот човек, а тоа е читањето нови книги“,
изјави Глигоровска.
Во рамки на Саемот предвидени се бројни средби со автори, потпишувања на книги, едукативни работилници, трибини, наградувања … Издавачите велат дека за нив е особено важен бидејќи е место каде се обединуваат со читателите и на кое може да им ја претстават целата годишна програма.
„Заедно со организаторот работиме саемот да го направиме уште поквалитетен, со уште подобар избор на книги, со голем избор на настани – и во промотивниот центар, и на штандовите. Одговорноста е голема бидејќи над 30 000 луѓе ќе бидат тука овој период. Успехот го броиме и преку реакциите на читателите, нивните сугестии, забелешки, критики, пофалби“,
вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
На отворањето на Саемот присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која рече дека поддршката на Саемот на книгата е од голема важност, особено во актуелниот период кога податоците покажуваат дека помалку се чита, а ерата на дигиталната технологија ги навикна луѓето подолго време да минуваат пред екраните на паметните телефони, компјутерите и телевизорите.
„Се радувам што и оваа година Саемот на книгата повторно ќе ни приреди голема прослава на книгата. Ова издание ни носи богати и разновидна програма со врвни домашни автори, многу гости од странство, преку кои се промовираат и културата и уметноста, се охрабрува дијалогот меѓу авторите и читателите. Им честитам на организаторите што по 35. пат ги обединија македонските издавачки куќи. Честитки до издавачите, кои многу посветено и со љубов издаваат квалитетни дела. Благодарност и до македонските автори, кои го чуваат македонскиот јазик и ја промовираат македонската литература дома и во светот“,
рече министерката.
Таа додаде дека Министерството за култура, како и досега, така и во иднина ќе остане доследно на поддршката што како покровител ја дава за Саемот на книга, како и на поддршката на квалитетни дела од македонски автори и преводи на странски писатели.










