Премиерот истакна дека тој и Владата се подготвени да предводат на патот кон целосно зачленување во ЕУ и повика на одговорно однесување од страна на сите пратеници во Парламентот и на сите политички и општествени чинители во државата
Тој порача дека блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолација на државата „се погрешна страна“ и „современ чин на предавство на својот народ и својата држава“
Секогаш сме биле на вистинската страна во 1941 година кога борците од НОБ го отфрлија окупаторот и се изборија за слободата и државотворноста, во 1991 година, кога при распадот на тогашна Југославија, народот отфрли нов раздор и војна и избра по мирен пат да ја создадат независна Република Македонија, бевме на вистинската страна и кога во 2001 година спречивме меѓуетничкиот конфликт да прерасне во граѓанска војна, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, застанавме на вистинската страна и во 2017 година кога ја обновивме демократијата во државата, на вистинската страна се поставивме и кога одлучивме да градиме „Едно општество за сите“, на вистинската страна застанавме и во 2018 година, со потпишувањето на Договорот од Преспа, по што станавме 30. полноправна членка на НАТО.

Ова денеска го истакна премиерот, Димитар Ковачевски во своето обраќање пред Спомен – констурницата во Куманово каде се одржа централната церемонија од одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание, кое годинава е под мотото „Секогаш на вистинската страна.
Премиерот Ковачевски истакна дека одбележувањето на овој празник е продолжение и насока за нашата иднина, а нашата денешна битка е да продолжиме по патот на напредокот и мирот, без да дозволиме кој било и што било да ни го попречи овој пат.
„Изборот на нашите претходници покажува дека – да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот! И денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат! Таков е заветот, таков е најсветлиот аманет изграден и оставен од нашите предци, кои секогаш и одлучно, ја избирале вистинската страна. Затоа, за секој кој го почитува македонското минато и си ја сака родната земја, ова е патоказот и во одлуките денес и утре! И засекогаш, во сите времиња! Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, нашата држава во 1941-та година застанала на страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, против уништувачкиот фашизам и нацизам во светот. Водени од илинденската идеја за слобода, македонскиот народ и сите народи во нашата држава, во 41-та, ги формира првите партизански одреди коишто прераснаа во доброорганизирана, над стоилјадна, народноослободителна армија, којашто, по четири години, се избори за слободарскиот идеал“,
рече Ковачевски, нагласувајќи дека денешна, Република Северна Македонија постои благодарение на ова, 11-октомвриско победничко антифашистичко народноослободително движење, чијшто политички успех е првото заседание на АСНОМ, кога народот го официјализира и идеалот за сопствена македонска држава.









Премиерот истакна дека сега сме пред предизвикот да ги реализираме и европските интеграции и да станеме полноправна членка на Европската Унија, што е, како што рече, нашата втора рамноправно важна, национална и државна стратешка цел.
„Европската Унија, јасно и гласно, во документите, преку европските лидери и на дело, во формалната комуникација што е достапна на сите граѓани, секојдневно, но и трајно го потврдува признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ја имаме целосната поддршка и во развојот на нашата мултиетничка граѓанска држава. Недвосмислено се почитува и нашето практикување на европски вредности во унапредувањето на добрососедските односи“,
посочи Ковачевски.
Тој рече дека се вреднуваат и нашите определби со коишто се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ, во поглед на позициите во војната во Украина.
„Како што за време на Втората светска војна народот во нашата држава се стави на вистинската страна во борбата против фашизмот, заедно со народите од европските држави и САД за да се постигне светскиот мир и просперитет – и денес сме рамо до рамо со државите членки на ЕУ и на НАТО, на страната на светскиот мир и напредок. Во услови кога агресијата и војната, неочекувано за 21-от век, се појавува повторно, значаен е сечиј придонес во унапредувањето на меѓусебното разбирање и во дијалогот како цивилизациски придобивки“,
порача премиерот, додавајќи дека членството во Унијата „ни е потребно, за да го осигураме развојот на државата, според европските демократски принципи и стандарди“, и дека „оваа историска шанса не смее и нема дасе пропушти“.
Ковачевски истакна дека тој и Владата се подготвени да предводат на патот кон целосно зачленување во ЕУ и повика на одговорно однесување од страна на сите пратеници во Парламентот и на сите политички и општествени чинители во државата.
„Ќе повторам дека нема лесен пат до вредна цел. Историјата бележи дека за остварувањето на секој идеал е потребна цврста одлучност, напор и верба. Низ нашата историја, до денес, донесени се тешки одлуки кои барале различни жртви. За време на Втората светска војна тоа биле човечките жртви. Денес, кога го имаме дијалогот како средство за доаѓање до помирувачки решенија – никој нема право да ги погази делата на борците, нивната жртва и нивната верба дека еден светол ден, многу скоро, нашите нови генерации ќе живеат во својата родна Македонија која што ќе биде напредна земја членка на ЕУ“,
нагласи премиерот во својот говор.
Денес, истакна Ковачевски, во глобалниот контекст на случувања, да се застане на вистинската страна значи да се помогне да се обезбеди безбедниот и економски напредок и живот на граѓаните.
Тој порача дека блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолацијата на државата „се погрешна страна“ и „современ чин на предавство на својот народ и својата држава“.
„И со ништо не може да се оправда ваквото однесување“,
потенцираше премиерот.
Тој рече оти е свесен за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, кои повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни, чии што интерес, како што истакна се реакции – спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви.
„Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици. Веруваме дека, како и за сè досега, нашата мудрост е и врата и клуч за нашата европска иднина – клуч за предизвиците и врата за решенијата. Оние кои се заробени во историјата, ја заробуваат и историјата во себе и така таа станува нивна кочница“,
истакна Ковачевски.
Премиерот нагласи дека ние имаме европски поглед и тој е насочен кон иднината, а таков бил и погледот што го имале Мирче Ацев, Стив Наумов, Коста Солев Рацин, Бајрам Шабани, Христијан Тодоровски Карпош, Ибе Паликуќа, Михајло Апостолски и многу други знајни и незнајни борци во НОБ, кои дејствувале по примерот на Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Никола Карев, Питу Гули и други бројни илинденци, а за чии подвизи пишувале Славко Јаневски, Ацо Шопов, Блаже Конески, се пишува денес и ќе се пишува за навек на македонски јазик.
„На ова свето место, Спомен костурница во Куманово, вечниот дом на околу 300 борци кои своите животи ги положиле во темелите на родната земја, оддаваме искрена почит кон сите борци во антифашистичката и народноослободителна борба и ја испраќаме пораката дека светиот аманет да се биде на вистинската страна е примен, чуван, реализиран и ќе биде предаден на идните генерации, како отсекогаш, во името на добрата иднина на Република Македонија. Како што се вели во една мудра порака: Да направиме нешто вредно за читање, или нешто вредно за пишување. Дозволете како роден кумановец да искажам искрени позиции. Чест и гордост ми е што сум Македонец. Чест и гордост ми е што сум роден во Куманово. Најголема, врвна одговорност и обврска ми е што во еден од најтешките периоди ја имам обврската да ја водам државата! Може да има многу скептици, политиканти, калкуланти и слични на нив! Имало такви и во минатото, има сега, ќе има и во иднина! Но, ве уверувам, тие не се на вистинската страна! Сите тие се на погрешната страна! Ве повикувам искрено, како и секогаш да веруваме, да имаме верба и да го дадеме нашето најдобро за нас, самите! Обединети, На вистинската страна да продолжиме напред! Нашите најголеми победи како во минатото, да ги направиме најголеми успеси во сегашноста и иднина“,
порача премиерот Ковачевски.