Македонската женска ракометна репрезентација со пораз го почна настапот на Европското првенство. Актуелниот олимписки шампион Франција беше пресилен ривал за македонските ракометарки и го доби дуелот во Скопје со резултат 24:14.
Француските ракометарки доминираа од самиот почеток на мечот, а првото полувреме го завршија со предност од 12:5.
Десното крило на македонската репрезентација Сара Ристовска по натпреварот рече дека жали за лошиот почеток.
„За жал, го почнавме натпреварот многу лошо, со многу технички грешки. Кога го постигнавме првиот гол, тоа беше како огромен момент за нас. Доколку продолжиме така, ќе биде сè подобро и подобро за нас“,
рече Ристовска.
Првиот гол Македонија го постигна дури во 16. минута.
Селекторот на Франција, Оливие Крумбхолц, пак, оцени дека првиот натпревар од секое првенство никогаш не е лесен. Рече и дека македонските ракометарки играле добро во одбрана.
„Резултатот е многу добар за понатаму во натпреварувањето. Македонската одбрана беше добра, ние не бевме така добри во нападот. Во одредени периоди беше тешко, но за два дена ќе изгледаме подобро“,
рече Крумбхолц.
Во вториот натпревар од првото коло во групата Ц во Скопје Холандија минимално ја порази Романија со 29:28. Токму Холандија е следниот противник на македонските ракометарки, а дуелите од второто коло во скопската група се играат в понеделник.