Коронавирусот ширум светот ги затвори луѓето дома, но им даде поголема слобода на животните.
Фотографии од Националниот парк „Кругер“ во Јужна Африка покажуваат дека лавовите кои живеат таму добро се прилагодуваат на животот без луѓе додека трае карантинот поради коронавирусот.
На нив се гледа како глутница лавови уживаат во мирот и тишината, па дури и имаат слатка дремка на топлиот асфалт. Според „Би-би-си“, најстариот има околу 14 години.
„Посетителите на ‘Кругер’ и туристите обично ја немаат оваа глетка. Оваа глутница вообичаено живее во делот Кемпиана, област што туристите во Кругер не ја гледаат“,
објавија на Твитер-налогот од Националниот парк „Кругер“ кој е затворен за посетители од 25 март.
Фотографиите ги направил вработен во „Кругер“, Ричард Соври, додека бил во обиколка.
„Би-би-си“ пренесува дека во време на патролата, тој ги забележал лавовите на патот и им пришол на само пет метри оддалеченост додека повеќето од нив спиеле. Фотографиите ги направил со мобилниот телефон.
„Лавовите се навикнати на луѓе со возила. Сите животни имаат многу поголем интуитивен страв од луѓе кои се движат пешки. Да одев пеш, никогаш не би ми дозволиле да им се доближам толку многу“,
објаснил Соври.
Ова не била прва ваква глетка за него. И тој и неговите колеги ренџери, ги гледале лавовите на асфалтот, но вообичаено во текот на ноќта.
Портапаролот на Кругер, Исак Фахла, говорејќи за „Си-ен-ен“ изјавил дека лежењето на патот во текот на денот е невообичаено затоа што во нормални околности таму би имало сообраќај кој ги брка животните во грмушките.
Сепак, иако овие фотографии се невообичаени, Фахла изјавил дека полицискиот час не предизвикал многу промени во однесувањето на животните.