
До утре изутрина во 5 часот на сила ќе биде 80-часовниот полициски час кој ги затвори скопјани дома, барем оние кои останаа во градот.

Од обиколката што ја направивме денеска увидовме дека улиците во центарот на главниот град ги запоседнале кучиња, а и птиците се во „низок лет“.

Црцорот на птиците е погласен од малкуте возила на оние кои со дозвола за движење и денеска морале да се појават на работните места.

Во строгиот центар затекнавме само 2-3 возила.

Скопјани имаат забрана за движење од четвртокот во 21 часот, па до утре изутрина (понеделник) до 5 часот поради состојбата со ковид 19.

Во градот досега има регистрирано 1 264 заразени од кои активни се 658. Само во последното деноноќие има 63 новозаразени . Но, ова не ги спречи дел од граѓаните, во четвртокот пред да почне полицискиот час, масовно да го напуштат главниот град.

Освен во Скопје, 80-часовен полициски час е на сила и во Тетово, Куманово и Штип со околните општини. Во останатите делови на државава забраната за движење почнува секој ден од 16 часот и трае до 5 наутро. И двете забрани за движење важат само за тековниот продолжен викенд.

За разлика од Центар, камерата на ТВ Телма во Чаир регистрираше редица купувачи пред продавници на чие присуство не реагира полициска патрола.
