Од Владата нема официјално соопштение за потегот, но логична е претпоставката дека станува збор за симболичен акт на поддршка и солидарност со Израел по нападот што групата Хамас го изврши на земјата пред три дена, односно на 7 октомври
На фасадата на објектот на Владата на Република Северна Македонија вечерва може да се види светлосна проекција на знамето на Израел.
Од Владата нема официјално соопштение, но логична е претпоставката дека станува збор за симболичен акт на поддршка и солидарност со Израел по нападот што групата Хамас го изврши на земјата пред три дена, односно на 7 октомври.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи уште истиот ден ги осуди нападите на Хамас врз Израел, каде што загинаа најмалку сто Израелци и околу 200 Палестинци.
„Продолжува нашата целосна солидарност со Израел, овие акти на терор мора веднаш да престанат“,
напиша Османи на социјалната мрежа „Икс“ во саботата.
Осуда за нападот стигна од Европската Унија, САД, НАТО, Обединетите нации…
Поради нападите и војната што избувна на Блискиот Исток по нив, голем број странски државјани, меѓу кои и државјани на Северна Македонија сè уште се заглавени во Израел, а македонските власти прават напори за нивно извлекување.
За таа цел Министерството за надворешни работи формира Кризен штаб.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека Израел ќе се одмазди за разорниот напад на Хамас и со тоа ќе го трансформира Блискиот Исток.
Обраќајќи се до локалните политичари од јужниот дел на земјата, Нетанјаху денеска изјави дека одговорот на Израел на невидениот повеќекратен напад од палестински вооружени лица започнат против Израел од Појасот Газа ќе го промени Блискиот Исток.
Европската Унија денеска соопшти дека веднаш прекинува со дел од помошта и ја става под ревизија целата своја развојна помош од 691 милион евра за Палестинците по нападот на Хамас врз Израел, што предизвика нова војна на Блискиот Исток.