Така, ослободени се од гонење поранешните директори на „ЕВН електрани“, Игор Гиевски и Мирослав Митровски, под чие водство компанијата купи земјиште за изградба на фотоволтаици кое чинеше и 40 пати поскапо од пазарната цена
ЕВН ги купуваше парцелите во текот на кампањата за локалните избори во 2021 година. Дека целиот процес е спорен покажа истражувањето на „360 степени“ – ЕВН ги купило нивите од лица кои станале газди на истите парцели токму во деновите пред продажбата на компанијата
Пропадна т.н. случај „Делчевски ниви“, за препродажбата на ниви во источниот дел од земјава, каде што физички лица прво купиле или добиле на подарок ниви, за само по неколку дена да ги продадат и за 40 пати над пазарната вредност на компанијата „ЕВН електрани“. Причината што Јавното обвинителство се откажа од случајот е што одредени сведоци кои првично дале исказ дека осомничените ѝ направиле штета на компанијата, сега го смениле исказот.

Во овој случај беа осомничени седум лица. Меѓу нив и двајца поранешни управители на „ЕВН електрани“: поранешниот претседател на младината на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и партиски функционер, Игор Гиевски, како и Мирослав Митровски, син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сокол Митровски. Уште еден од осомничените имаше директна врска со партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„По анализа на кривичната пријава, исказите на сведоците, исказите на осомничените, како и сите обезбедени материјални докази во текот на истражната постапка, се констатира дека од конкретната истражна постапка не прозилегоа ниту материјални ниту вербални докази кои би го потврдиле основното сомнение дека делата кои им се ставаат на товар на осомничените се кривични дела за кои се гони по службена должност, односно произлезе дека пријавените не презеле дејствија кои ги сочинуваат битијата на пријавените кривични дела“,
се вели во наредбата за запирање на постапката.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје за „360 Степени“, велат дека менувањето на исказот поради кој „пропадна“ случајот е направен од членовите на Управниот одбор на ЕВН Македонија, или конкретно од страна на државниот претставник во компанијата.
Исказите беа клучни за започнување на постапката бидејќи членовите на УО пред истражните органи тврделе дека тие не би гласале за одлуката за купување доколку претходно знаеле дека 48-те катастарски парцели, во неколку катастарски општини, кои биле платени 40 пати поскапо од пазарната цена, биле и неповолни за поставување на фотоволтаици. Во текот на истражната постапка тие се предомислиле.
„Во текот на истражната постапка, членовите на Управниот одбор го сменија својот исказ и изјавија дека откако ги разгледале прибраните докази сметаат дека не биле доведени во заблуда и не биле измамени од осомничените во поглед на постапката и дека повторно би го одобриле купувањето на предметниот имот. Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје именуван од страна на Владата изјави дека правното лице не е оштетено преку дејствијата на осомничените и дека во случајот нема незаконита исплата“,
се вели во одговорот од ОЈО Скопје.
Но, иако постапката за земјиштата е прекината, со менувањето на исказот на владиниот претставник на Управниот одбор, Обвинителството ќе оформи предмет против него за кривичното дело давање лажен исказ, бидејќи смета дека тој во неговото сведочење презентирал лажни факти.
„Имајќи ја предвид изјавата на застапникот и воедно заштитникот на државниот капитал во правното лице ЕВН Македонија АД Скопје, која во конкретниот случај е круцијална за докажување на заблудата како обележје на кривичното дело, јавниот обвинител во предметот донесе одлука за запирање на истрагата. Со оглед на тоа што во дел од исказот пред јавен обвинител застапникот на државниот капитал презентираше и лажни факти во поглед на извршените претходни проверки на земјиштето кое било предмет на купопродажба, Основното јавно обвинителство Скопје за овој дел од исказот оформи предмет со кој поведува постапка против овој сведок за кривично дело – давање лажен исказ од член 367 од Кривичниот законик“,
велат од ОЈО Скопје.
Во серија стории на темата „Делчевски ниви“, „360 степени“ покажа како се одвивала шемата за купопродажба на земјиштето. Прво, одредени лица добивале ниви на подарок или ги купувале за ниска (пазарна) цена. Само неколку дена подоцна ги продале нивите и за 40 пати повисока цена од пазарната на „ЕВН електрани“.
Најдовме иста таква шема и во Берово, но со една разлика – финалната трансакција никогаш не се случила, односно „ЕВН електрани“ склучиле договор, но не ги исплатиле парите.
Од седумте лица, како што објави ОЈО Скопје при отворање на истрагата лани, двајца беа осомничени како соизвршители на кривично дело – измама во службата, а другите петмина беа осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.