Претседателката на Сенатот потенцирала дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува С Македонија на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што е особено важно при интеграцијата во ЕУ
Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Никола Димитров, во рамки на работната посета на Мадрид, оствари средба со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка.
Заев, како што соопштија од Владата, изразил благодарност за поддршката што Шпанија ја дава постојано на евроатлантскиот пат на нашата земја, а која и сега доаѓа до израз со поддршката во процесот за пристапување во членство во ЕУ.
„Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“,
истакнал Заев на средбата со Куенка.
Неговата соговорничка, пак, нагласила дека членовите на Сенатот на Кралството Шпанија ја препознале важноста на пристапувањето на Северна Македонија во членството во НАТО и затоа со задоволство ги презеле сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање и да го затворат процесот на ратификација, по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.
Куенка потенцирала дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што е особено важно при интеграцијата во ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Заев и делегацијата ја посетиле и историската библиотека на Сенатот на Шпанија, каде што се изложени географски карти на Европа од 17 век на кои е презентиран поширокиот географски регион Македонија.