Професорката Гордана Силјановска – Давкова во вечерашното интервју на телевизија Алфа зборува за воведувањето на вонредна состојба во земјава од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски. Претседателот попладнево прогласи вонредна состојба со цел спречување на ширењето на коронавирусот, но и поголемата можност да се справи земјава со кризата предизвикана од оваа пандемија.
Професорката Силјановска – Давкова, како и домаќинот на емисијата, новинарот Саше Димевски, се опремени со заштитни маски и ракавици, а разговорот се води и на соодветна оддалеченост меѓу соговорниците, како што се препорачува и во институционалните мерки за заштита од коронавирусот.

Актуелната ситуација во земјава е и нивна вечерашна тема на разговор. Силјановска – Давкова како професор по уставно право и политички систем, вели дека добро е што македонскиот Устав има рестриктивен пристап за воведување на вонредна состојба.
„Во македонскиот Устав има посебна глава што се однесува на воената и на вонредната состојба. Пристапот на нашиот Устав е рестриктивен, за среќа, а не екстензивен. Затоа вонредна состојба може да се прогласи само за елементарни непогоди или епидемии. Во екстензивниот пристап може да се прогласи вонредна состојба во немири, штрајкови и слично. Го потенцирам ова, бидејќи добро е што немаме ваков пристап. Оти сигурно тогаш не би се соочиле за првпат во историјата со вонредна состојба“,
рече Силјановска – Давкова.
Таа додаде дека во минатото лажно се обвинувале претходните претседатели дека имале намера да воведат вонредни состојби.