Камионите за чистење смет и денеска останаа паркирани во седиштето на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, а вработените во препознатливите портокалови униформи неколку дена протестираат во дворот на седиштето во скопска Керамидница
Откако доцна синоќа со полициска асистенција неколку возила на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје излегоа на скопските улици да исчистат дел од сметот што неколку дена се таложи и шири неподнослива миризба во главниот град, денеска во дворот на претпријатието вработените продолжуваат со протестот кој трае веќе неколку дена.
Вработените, револтирани од однесувањето на директорката на претпријатието, сè уште протестираат и одбиваат да ги испразнат контејнерите од улиците. Дел од нивните барања се: повисоки плати, смена на директорката Косана Николиќ-Мазнова, како и враќање на работа на работниците кои беа отпуштени. Додека не се исполнат нивните барања, велат, блокадата на работата на претпријатието ќе трае.
За понатамошните чекори на вработените најверојатно ќе се разговара и на средбата со претставници од Сојузот на синдикати на Македонија која е закажана за денеска напладне. Вчера токму ССМ им даде поддршка на вработените.
За разлика од нив, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на социјалните мрежи објави фотографии од празни контејнери наведувајќи дека успеале да издвојуваат уште една победа со цел заштита на јавниот интерес и повторно кажа дека нема да дозволи мафијашки структури да наштетат на интересот на граѓаните.