Полицијата ги одвраќа граѓаните што денеска сакаат да ја посетат црквата во која е сместен гробот на Гоце Делчев
Сообраќајот на тој потег е запрен, а движењето на пешаците, иако е ограничено, не е забрането
Улицата „Самуилова“ во подножјето на Скопско кале е блокирана за возила, но не и за пешаци, додека влез во црквата „Свети Спас“ е целосно забранет. Полициски сили се распоредени наоколу и ги одвраќаат граѓаните што сакаат да влезат во црквата. На улицата и на тесните сокаци низ чаршијата кои водат кон црквата е поставена метална ограда. Движењето во околината е ограничено, но е дозволено.
Засилените полициски мерки се во пресрет на утрешното чествување на роденденот на револуционерот Гоце Делчев, преземени поради тензиите во односите меѓу Македонија и Бугарија.
„Се чудам што се дигна фама од една нормална работа, чествување на Гоце Делчев. Полицијата ми рече дека после оградата е забрането да се влегува. Сакавме да видиме едноставно што се случува, читаме, гледаме на телевизија.
360°: Дали стравувате дека утре може да се случат инциденти?
Па, да богами се плашам, од убава работа, чествување, да се направи фешта. Сум била на гробот, но сакав сега да видам ако можеше да се влезе, но ете не може“,
вели жителка на Скопје.
Другите минувачи што ги затекнавме како пеш поминуваат по „Самуилова“ на целиот настан гледаат од друга перспектива.
„Јас сум интернационален, не ме интересира ништо, само љубов“,
кратко прокоментира помлад жител на Скопје.
„Господ нека ни е на помош“,
рече друг граѓанин.
Под црквата „Свети Спас“, низ Старата скопска чаршија, ова е уште едно обично попладне. Чајџилниците се полни со гости, а угостителите велат дека уште не добиле насоки од полицијата дали утре ќе треба да воведат посебен режим на работа. Низ чаршијата ги затекнавме Белул и Ќамил – средовечни мажи од Скопје, кои апелираат утрешното чествување да биде достоинствено.
„Ништо не бидува на сила. Не треба полиција, кој ќе дојде треба да го почитува Гоце Делчев со срце. Не верувам дека ќе има инциденти, веќе луѓето знаат дека ништо не бидува со сила, туку само со човечност. Точно е дека има тензии меѓу двете држави, ама ќе помине и тоа. Им порачувам на сите да изразат почит како луѓе и ние да бидеме добри домаќини“,
вели Белул Сулејмани, жител на Скопје.
„Што да ви кажам. Ако бугарската страна го почитува Гоце Делечв, тоа не можеме да им го забраниме, нека го почитуваат. А и нашиве нека ги пречекаат како што доликува, без тензии, демократски. Сум бил на гробот порано, сега не“,
рече Ќамил од Скопје.
Од МВР велат дека согласно проценките денеска не е дозволен влез во црквата, а во предвиден периметaр околу црквата има посебни полициски мерки кои ќе важат и утре.
Утре се одбележува 151 година од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Во пресрет на чествувањето, државниот врв апелира да не се подлегнува на евентуални политички провокации од кои било политички субјекти.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека на провокаторите нема да им се дозволи влез во земјава.
„Сите оние што не се добронамерни, што се провокатори, што го негираат македонски народ и држава, тие нема да влезат во државава. Сакам да апелирам дека сите треба да бидеме обединети, горди и заедно да покажеме почит на великанот на македонската револуционерна борба“,
порача премиерот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повика да се деескалира состојбата што, како што вели тој, неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат.
„Нема да дозволиме никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого. Тука се институциите на системот коишто функционираат и коишто мораат да ги обезбедат сите очекувања кои ги имаме. Сакам да упатам јасна порака до политичките субјекти и политичарите, да бидеме одговорни во овој процес. Бидејќи неодговорноста не прави добро на граѓаните и државата, мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас. Да се напушти таква реторика од разни ‘патриотски институти’ за тоа што можат да направат.Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на било кои политички субјекти и да преземате надлежност на институциите“,
повика Спасовски.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА: