Далекуводот се гради на постоечка траса стара 62 години. Премиерот Ковачевски посочи дека со оглед на тоа што како држава сме насочени кон производство на струја од обновливи избори на енергија, овој далекувод е важен бидејќи ќе обезбеди стабилен систем во велешко-овчеполскиот регион каде се наоѓаат и најголемите инвестиции во овој сектор
Во Овче Поле, кај локалниот пат кон селото Мамутчево во близина на експресниот пат Велес-Штип денеска почна изградба на 110 киловатен далекувод, инвестиција вредна 2,3 милиони евра.
Далекуводот ќе биде од трансформаторската станица во Велес до станицата Овче Поле.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, присуствуваше на означувањето на почетокот на градбата, оцени дека овој далекувод ќе обезбеди намалување на техничките загуби, сигурност во напојувањето со струја и можност за приклучување на производствени капацитети од обновливи избори на енергија.
„Оваа инвестиција е посебно значајна од повеќе аспекти и ќе посочам зошто е тоа така. Прво затоа што се гради нов далекувод на постоечката траса на далекувод кој е изграден уште во 1960 година. По цели шест децении вложуваме во сериозен зафат во македонската преносна мрежа. Реконструкцијата на застарените 110 киловати далекуводи, особено оние кои имаат големо системско значење и им се нарушени работните параметри, како што е овој далекувод, е главниот фокус на Владата и МЕПСО“,
рече Ковачевски.
Со оглед дека како држава сме насочени кон производство на струја од обновливи избори на енергија, овој далекувод е важен, смета премиерот, затоа што ќе обезбеди стабилен систем во велешко-овчеполскиот регион каде се наоѓаат и најголемите инвестиции во овој сектор.
И директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани, оцени дека ова е неопходната инфраструктура што ќе обезбеди не само сигурност и стабилност во снабдувањето со електричната енергија на жителите и стопанството во овој регион, туку и интеграција на нови обновливи извори на енергија.