Лицата, кај кои била пронајдена нелегалната стока, се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од МВР
Екипи на тетовската полиција денеска реализирале акција во градот и околното село Селце, во која при извршени претреси биле пронајдени над 75 000 парчиња пиротехнички средства и околу 350 килограми тутун.
Претресите, како што соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи (МВР), се извршени со судска наредба, а цел биле дом и други простории на двајца жители на Селце, продавница и три имровизирани тезги во Тетово.
„Денеска (21.12.2024) во периодот од 09:30 до 14:20 часот полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба извршиле претреси во дом и други простории кај Б. А.(40) во с. Селце, Тетовско, како и во дом и други простории кај М. Д. (43) од с. Селце и продавница, како и на три импровизирани тезги во Тетово сопственост на С. М.(35) и М. А.(54) двајцата од Тетово и Ј. Н.(56) од с.Буковиќ, Скопско. При претресите се пронајдени 75 889 парчиња пиротехнички средства и 346 килограми тутун“,
се вели во соопштението од МВР.
Лицата кај кои била пронајдена нелегалната стока се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, додаваат од МВР.