Она што беше различно од првото одложување на 28 февруари е што пред судот се собраа дел од оштетените, семејства на починати пациенти. „Затвор”, „убиец”, „правда”, извикуваа тие кога Митрев пристигна пред судот, како и по завршувањето на рочиштето
Повторно се одложи почетокот на судскиот процес за измама против докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената клиника. Причината за одложувањето е иста како и за рочиштето на 28 февруари годинава – одбраната нема направено увид во доказите.
Имено, Жан Митрев непосредно пред стартот на судскиот процес ангажира нов адвокат, Никола Додевски, кој бараше увид во доказите, што на првото закажано рочиште му беше овозможено. До денеска тој требаше да направи увид, но тоа не било можно бидејќи предметот е во Апелација каде што има жалбена постапка во однос на замрзнувањето на имотот.
Следното рочиште е закажано за 12 мај.

Она што беше различно од првото одложување на 28 февруари е што пред судот се собраа дел од оштетените, семејства на починати пациенти.
„Затвор”, „убиец”, „правда”, извикуваа тие кога Митрев пристигна пред судот, како и по завршувањето на рочиштето.
Со себе тие носеа фотографии од починатите, како и транспаренти на кои пишуваше:
„Нашите најмили починати за него само беа колатерална штета од 2 милиони залог за слобода”; „Профитер на грбот на болните од ковид“; „Нашиот сакан не почина од ковид, туку од пропустите на Жан Митрев”; „Хемофилтрацијата ги уби нашите најмили, бараме одговорност“…

Во изјава за медиумите, пак, тие порачаа дека ќе бидат пред судот на секое рочиште и ќе бараат правда. Но, велат, тој не е единствен одговорен, туку и тој што му дозволил да лекува со хемофилтрација.
„Сакаме да го прашаме новиот министер за здравство, што е со комисиите што ги направи неговиот претходник Беким Сали… Денес со Жан Митрев требаше да биде и бившиот министер Венко Филипче, бидејќи тој не е единствениот виновник. Кој му дозволи на Жан Митрев да лекува така од ковид?“,
рече една од оштетените.
Додека тие даваа изјава пред камерите, Жан Митрев го напушташе судот, а оштетените почнаа да извикуваат „убиец” и тргнаа по него додека тој се движеше кон својот автомобил.
„Ги гледаш ли овие пациенти”,
извикуваа вперувајќи ги транспарентите со фотографии од починатите кон Жан Митрев.
Во судница, пак, адвокатот Никола Додевски, покрај тоа што бараше рочиштето да се одложи за најмалку два месеци бидејќи предметот е обемен и му треба повеќе време за увид, реагираше и за присуството на оштетените пред судот.
„Бевме дочекани со транспарентни, извици, луѓе наместени на два метри од судот… Пароли, транспарентни напишани со погрдни изрази, тоа е веќе ненормален притисок и кон вас”,
оцени адвокатот.

Обвинителката Искра Хаџивасилева, пак, замоли судот да даде разумна динамика и да закаже повеќе рочишта. Рече дека од интерес и на одбраната е да има судење во разумен рок ако се земе предвид дека во сила се мерки за замрзнување на имотот на обвинетиот. За демонстрантите рече дека не ни знаела оти ќе бидат денеска пред судот, а во однос на барањата за подолг период за увид во списите рече дека одбраната има обид за манипулација бидејќи голем дел од 16. кластери што се дел од доказите се предложени токму од одбраната.
„Предметот се води под притисок и креирање атмосфера на линч. Тоа што слушаме дека треба брзо и динамично да се одвива е во правец на таквата атмосфера… Во интерес на правдата, на еднаквоста на оружјето, барам да овозможите на мир да ја подготвуваме одбраната“,
гласеше дел од репликата на адвокатот Додевски.
Доколку на 12 мај почне судскиот процес, ќе треба да се дадат воведни зборови, а обвинетиот Митрев да се произнесе дали чувствува вина.
Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.
Кога го поднесоа обвинението, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје појаснија дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациенти, но оти таа е ограничена, кај најтешки пациенти со тешка клиничка слика. Она што го потенцираа е дека во обвинението не станува збор за тоа дека пациенти во клиниката „Жан Митрев“ починале од хемофилтрација и несовесно лекување, туку дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведе во заблуда.
„Можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,
рекоа од ОЈО Скопје.
Предметот во обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година. По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на денешното прво судско рочиште.
Докторот Жан Митрев, пак, во своите јавни настапи, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите тврдеше дека не измамил пациенти, како и дека ова е хајка против него.