Екипа на „360 степени“ на терен пресретна група од стотина навивачи од Англија кои со полициска придружба преминуваа од едната на другата страна на улицата кај хотелот „Холидеј ин“, упатувајќи се кон кејот „13 Ноември“. Но, освен на англиските навивачи, полицијата не им дозволи пристап до кејот на останатите граѓани
Десетици полициски службеници и припадници на интервентната полиција од попладнево може да се забележат во строгиот центар на Скопје во пресрет на вечерашниот натпревар помеѓу македонската фудбалска репрезентација и селекцијата на Англија. Полицијата главно го обезбедува просторот околу мостот „Слобода“ кај Градскиот трговски центар (ГТЦ) и хотелот „Холидеј ин“.
Целосно затворена е пешачката патека покрај угостителските објекти на кејот „13 Ноември“.
Поставени се метални огради, а полицијата едиствено ги пропушта англиските навивачи кои последните часови пред натпреварот ги поминуваат во кафулињата и рестораните во центарот на Скопје.
Екипа на „360 степени“ на терен пресретна група од стотина навивачи од Англија кои со полициска придружба преминуваа од едната на другата страна на улицата кај хотелот „Холидеј ин“, упатувајќи се кон кејот.
Но, освен на англиските навивачи, полицијата не им дозволи пристап до кејот на останатите граѓани, а тие беа пренасочувани кон споредните улици.
Од Англија во Скопје денеска пристигнаа околу 2 000 навивачи за да ја бодрат својата репрезентација на мечот против македонската селекција, кој ќе се одржи на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток од 20:45 часот.
Во пресрет на натпреварот, споредните улици околу стадионот ќе бидат затворени за сообраќај, а според соопштението на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), паркирањето ќе биде забрането на паркинг-местата во потесната зона на стадионот поради ограничениот број места, освен за акредитирани возила.
Од ФФМ апелираат на фер, коректно и спортско навивање без расистички и дискриминаторски скандирања пред, за време на и по натпреварот.
Со натпреварот против Англија, македонската фудбалска репрезентација ќе ги заврши квалификациите за Европското првенство 2024 година. Натпреварот нема резултатско значење за двете репрезентации со оглед на тоа што Англичаните го обезбедија пласманот на првенството, додека Македонците се без шанси за напредок и квалификациите ќе ги завршат на претпоследното, 4. место.