Како што денеска соопштија од Царинската управа, возачот на возилото, кој е странски државјанин, при влез во РС Македонија на ГП „Богородица“ се обидел на царинскиот орган да му стави на увид транспортно средство на кое е поставено царинско обележје – пломба и овозможил отворање на делот од возилото во кое е сместена стоката
Царински инспектори од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа привремено задржале товарно моторно возило со полуприколка, натоварено со алуминиумски котури во вредност од 92 635 евра.
Како што денеска соопштија од Царинската управа, возачот на возилото, кој е странски државјанин, при влез во РС Македонија на ГП „Богородица“ се обидел на царинскиот орган да му стави на увид транспортно средство на кое е поставено царинско обележје – пломба и овозможил отворање на делот од возилото во кое е сместена стоката.

„Во петок, на 8 декември, царински инспектори на ГП ’Богородица’ селектирале на детален преглед товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин, кое транзитирало од Република Грција до Република Германија. Притоа е утврдено дека сајла со поголема должина е намотана на задниот дел кај рачките кој служат за затворање на приколката, а со самото подигање на металната шипка на која е обвиткана ролетната, церадата се отвора без да се оштети царинското обележје – царинска пломба. Со ваквата поставеност на сајлата, возачот направил можност за вадење или, пак, ставање друга стока во возилото при премин на гранична царинска линија, со што се прекршува царинската регулатива“,
се вели во соопштението од Царинската управа.



Од Царинската управа велат и дека против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежниот суд за сторен прекршок по член 263 од Царинскиот закон, а согласно член 269 од Царинскиот закон одземени се стоката и возилото – влекач и приколката и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.