Од Рускиот антикорупциски фонд објавија видеото на Јутјуб. Тие велат дека „Грејсфул“ е една од трите големи јахти на Путин. Како и бродовите „Олимпија“ и „Шехерезада“, „Грејсфул“ не бил дизајниран за претседателот на Русија, туку бил ремонтиран според неговите желби. Според тимот на Навални, „Грејсфул“ е направен по моделот на старите јахти на Путин
Соработниците на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални објавија видео на кое се гледа луксузната јахта „Грејсфул“ (Graceful) за која тврдат дека му припаѓа на рускиот претседател Владимир Путин. Велат дека во пресрет на инвазијата на Украина, јахтата била итно транспортирана од Германија и дека за време на војната, работата на неа била завршена во Русија. Откриле и како се заобиколени санкциите за реставрација на јахтата.
Од Рускиот антикорупциски фонд на Навални објавија видеото на Јутјуб. Тие велат дека „Грејсфул“ е една од трите големи јахти на Путин. Како и бродовите „Олимпија“ и „Шехерезада“, „Грејсфул“ не бил дизајниран за претседателот на Русија, туку бил ремонтиран според неговите желби. Според тимот на Навални, „Грејсфул“ е направен по моделот на старите јахти на Путин.
„Шехерезада“ беше запленета во пристаништето Марина ди Карара во Италија и „Грејсфул“ беше „евакуирана“ пред да биде ставена под санкции.
Во пресрет на инвазијата, итно беше транспортирана од Германија
На 19 јануари 2022 година сопственичката на јахтата „Грејсфул“ го нарачала транспортот од бродоградилиштето „Блом и Вос“ во Хамбург, Германија, иако работата на неа требала да трае уште една година, а суперјахтата не била подготвена за пловидба. Потоа била донесена во Калининград.
Во јуни 2023 година реставрираната јахта пристигнала од Калининград во Санкт Петербург. Тимот на Навални тврди дека јахтата моментално е на пат за Сочи и е под специјална придружба на руските тајни агенции.
Еден од доказите дека „Грејсфул“ е наменета за Путин, тврдат од тимот на Навални, е тоа што носи членови на руската Федерална служба за безбедност. Во септември 2022 година таа била забележана во естонските води на пат од Санкт Петербург до Калининград, придружувана од брод на руската крајбрежна стража под команда на ФСБ; пловниот објект е познат под кодното име Косатка (Кит-убиец).
Канцеларијата на сопственикот на јахтата е опремена со Престиж-ЦБ (Prestige-CB), специјален телефон за комуникација кој не може да се купи, а властите можат да го користат за строго доверлива комуникација.
Хелиодром, кино, луксузни кабини
Соработниците на Навални го добиле планот на палубата на јахтата „Грејсфул“, како и проценката за поправки. На отворената палуба има хелиодром, салон со тркалезна маса за 12 лица, лифт и голема када.
На палубата, каде што се наоѓа и капетанската палуба, има дневна соба со клавир, три софи и телевизор.
Палубата на сопственикот има базен кој може да се претвори во подиум за танцување или кино. Истиот дизајн е и на јахтата „Шехерезада“. На оваа палуба има трпезарија со маса за 12 лица и камин. Има и дел за сопственици со две огромни кабини.
Има машки и женски кабини. Во главната спална соба има огромен кревет врамен со столбови. Во просторијата до спалната соба има канцеларија со специјален телефон и макета од јахтата „Шехерезада“.
Од кабината на сопственикот можете да се спуштите по скалите до вежбалната, каде што има справи од американската компанија „Хоист“. Кабините за гостите и екипажот се наоѓаат на истата палуба. Има и неколку скутери на вода и два чамци.
77 000 евра за масичка, два милиона за базен
Реновирањето вклучувало пребојување на трупот, замена на хелиодромот и палубата, поставување лежалки и чадори, поправка на мебел, полирање мермер, работа на лифтови, базен и џакузи, опремување нова кабина за сопственикот.
Опремувањето на јахтата, само во 2022 година, чинело 32 милиони долари или 29,5 милиони евра.
Дрвените производи чинат 240 милиони рубли, што по сегашниот курс е околу 2,3 милиони евра, софа – 4 милиони рубли (39 000 евра), теписи – 6 милиони рубли (58 000 евра), масичка за кафе – речиси 8 милиони рубли (77 000 евра), монтажа на два камина на палубата – 10 милиони рубли (97 000 евра) и базенот поврзан со јахтата – 208 милиони рубли (околу 2 милиони евра).
За „Грејсфул“ се купени скапи садови, чешел од 11 000 рубли (околу 110 евра) и три специјални чадори за самоодбрана, од кои секој чини 1,2 милион рубли, или околу 11 600 евра.
Како ги заобиколиле санкциите
Јахтата „Грејсфул“ била под американски санкции неколку месеци по почетокот на војната, но тие биле успешно заобиколени со помош на соработници во Европа, Турција и Дубаи.
Уште во септември 2021 година се расипал системот МТУ со екрани кои овозможуваат приспособување на параметрите на моторот. Естонската компанија „Бриз марин“ се согласила, не само да ги купи и да ги донесе во Русија екраните за јахтата на Путин, туку и да помогне во нивното репрограмирање. Естонски посредник ја презел опремата во Санкт Петербург, нашол курир кој однел сè во фабрика во Германија, а во пролетта 2023 година поправената опрема била вратена во Русија.
Италијанските добавувачи ги продолжиле деловните односи со компанијата која е формален сопственик на јахтата и покрај санкциите. Сите компромитирачки детали се изоставени од документацијата. Фактурата била обработена неколку пати: прво била издадена на руската компанија која стопанисува со јахтата, потоа на естонската компанија и на крајот фактурата ја платила компанијата од Дубаи. По плаќањето, стоката била испратена од Италија во Литванија за да биде испорачана оттаму во Калининград, директно на јахтата.
Специјалните чадори за јахтата пристигнале во Калининград преку Турција и Литванија.
По руската инвазија на Украина, естонската компанија забележа нагло зголемување на приходите, пишува тимот на Навални и додава дека има намера да поднесе жалба против секоја од овие компании.
Тимот на Навални нагласува дека за време на војната се потрошени 3 милијарди рубли (29,5 милиони евра) за „играчката на Путин“, од кои две милијарди (повеќе од 19 милиони евра) се потрошени за поправки и уште една милијарда (речиси 10 милиони евра) за плати за екипажот, директорите, комуникацијата, складирањето во суво пристаниште, гориво и репрезентативни трошоци.