Државниот врв и претставниците на политичките партии го обележаа празникот „Свети Климент Охридски“, патрон празник на Македонската православна црква-Охридска архиепископија
Владина делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, положи цвеќе и оддаде почит на патронот на македонската култура, една од најзначајните личности за македонската писменост, Свети Климент Охридски, во рамки на одбележувањето на денешниот голем државен празник 8 Декември – „Св. Климент Охридски“.

Како што рече Ковачевски, најдобар начин да се оддаде должна и искрена почит кон безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело со кое што нè задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски, е да се продолжи светиклиментовата мисија.
Според него, македонскиот јазик, којшто досега е познат и прифатен во сферата на книжевноста и на науката, денес е и политичка реалност во Европа и во светот.




„Македонскиот јазик е рамноправен со јазиците коишто се употребуваат како службени во Обединетите Нации, со јазиците коишто се употребуваат како службени во НАТО, во Европската Унија. Ова значи дека македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот! Успеавме минатата година, на македонски јазик, да биде потпишан првиот меѓународен договор со Европската Унија. Истовремено започна преведувањето на севкупното европско законодавство на македонски јазик. Со тоа, македонскиот јазик, за прв пат во многувековните заложби за негов рамноправен третман, го поставивме на рамноправно рамниште со јазиците на 27-те земји членки на Европската Унија. Ова постигнување, што го направивме со меѓународното прифаќање и признание на македонскиот јазик е од суштинско значење, бидејќи конечно покажува безрезервно меѓународно признавање и прифаќање и на нашиот посебен македонски национален и културен идентитет, што претставува вековен аманет на нашите предци. Македонскиот народ, како и сите други заедници, деловите на другите народи кои живеат во Република Северна Македонија, со својата богата и значајна традиција, историја и култура се наоѓаат на патот за обединување во европското семејство на народите“,
рече Ковачевски.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православната вероисповед.
„Со своето дело патронот на Mакедонската православна црква – Охридска архиепископија, Св. Климент Охридски, остави трајно наследство коешто изобилува со духовност и со мудрост. Со силна вера, дисциплина и посветеност, Св. Климент ги надминуваше пречките коишто му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов. Споделувајќи ги светогледот, духовноста, културата и хуманизмот на големиот учител и ние да даруваме љубов, да бидеме внимателни и грижливи, придонесувајќи за мирот, хармонијата, просперитетот и благосостојбата во македонското општество“,
стои во честитката.
И Претседателот Талат Џафери испрати честитка во која го честита денешниот ден.
„Би сакал во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија на сите православни верници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, граѓани на Република Северна Македонија, да Ви го честитам големиот христијанскиот празник Св. Климент Охридски, празник на основоположникот на црковниот живот во Република Северна Македонија и ревносен ученик на светите браќа Кирил и Методиј“,
рече тој.
Според него Светиклиментовиот лик и дело е најдобар пример за симбиозата меѓу духовната и просветителската мисија.
„Најдобар пример за тоа како да се допре до срцата и умот на следбениците за да се постават солидни основи за произведување на трајни вредности кои покрај тоа што се значајно наследство за идните поколенија, се и скапоцен дар за светското духовно и просветителско наследство“,
рече претседателот на Собранието.
Џафери вели дека треба да се обидеме да бидеме достоинствени чувари на наследството.
„Заедно да го збогатиме со сета духовна и просветителска разноликост што го краси нашето општество и што не обединува како граѓани на нашата заедничка држава, Република Северна Македонија“,
додаде тој.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го честиташе празникот свети Климент Охридски и посочи дека во времиња кога сите се соочуваме со распад на системот и на општествените и хуманите вредности, делото на светителот нека биде нашата ѕвезда водилка како да се избавиме од темнината која надвиснува врз нас.
„Вербата во Бога, вербата во доброто и силната волја која светиот Климент Охридски ја покажал пред повеќе од еден милениум помогнала целиот словенски род да се избави од културниот јарем кој му бил наметнат. Во исто време неговата непоколебливост и истрајност во делото било искрата на надеж и светлината на патот кој го водел народот низ мракот. Затоа неговиот придонес е толку голем и затоа неговото име е запишано со најсветлите букви во историјата и меморијата. Тоа е неговиот аманет кој треба да го следиме, да бидеме посветени кон добрите дела, да бидеме човекољупци пред се и ревносно да работиме за доброто на својот народ.Како прв словенски епископ, Климент Охридски го посветил својот живот на просветување и просветлување на народот, во правење епохални дела кои траат повеќе од еден милениум, и во директно соживување со својата паства и во доброто и во злото. Живееме во времиња на предизвици, на голема сиромаштија која предизвикува безнадежност, која води кон рушење на моралните и духовните вредности на човекот. Тоа е директен атак и кон нас како поединци и како семејства и како општество. Затоа мораме да бидеме сплотени и со сите сили и капацитети да работиме на менување на работите кон подобро. Животот е еден и тој треба да го посветиме кон градење на добри дела, кон градење на добра иднина за себе и за поколенијата после нас, но пред се кон зачувување на хуманите принципи во нашето македонско општество. Делото на Климент Охридски својот никулец го имало во македонската земја, и затоа Македонија мора да биде и да остане најголемиот чувар на тие свети вредности“,
се вели во честитката на Мицкоски.