Двајцата премиери разговарале и спроведување акцискиот план од Договорот од Преспа, со акцент на работата на заедничките комитети за историските, образовните и археолошките прашања, како и за бизнис-дијалог, со цел за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови
Односите меѓу Северна Македонија и Грција се трансформираа во сојузништво, кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО, заклучиле премиерите на двете земји Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис, на денешната работна средба во Атина.

Денешната средба на двајцата премиери, трета по ред од смената на власта во Грција, а прва по изборите во земјава, е оценета како значаен и дополнителен придонес за унапредување на односите меѓу двете земји.

На средбата присуствуваа и вицепремиерите за економски и за европски прашања, Фатмир Битиќи и Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Притоа, било истакнато дека со Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција создадоа модел за успешно решавање на отворените прашања меѓу соседите.
Како што соопштија од Владата, Заев нагласил дека со воспоставеното партнерство, засновано на доверба и пријателство, односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО. Тој рекол дека Грција останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во претстојниот процес на преговори со Европската Унија, кој треба да почне со првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на Германија со Советот на ЕУ.

Двајцата премиери разговарале и за идната соработка и за спроведување на одредбите од акцискиот план од Договорот од Преспа, меѓу кои приоритет има континуитетот на работата на заедничките комитети на експерти за историските, образовните и археолошките прашања, како и работата на Комитетот за бизнис-дијалог за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендовите и за дополнително поттикнување на политиките што треба да ги олеснат бизнис-релациите.
Двајцата соговорници, како што се наведува во соопштението од средбата, разговарале и за создавање услови за поголема економска соработка и за интензивирање на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји за што постои финален договор кој наскоро треба да биде потпишан.
Заев и Мицотакис разговарале и за справувањето со пандемијата со ковид-19 и се согласиле дека солидарноста и соработката на ЕУ со Западен Балкан во таа насока треба да продолжи и да се надгради со вклучување на регионот во политиките на ЕУ за економско закрепнување на земјите од Европа.
Поврзани вести:
Заев е уверен дека Грција ќе биде главен лобист во процесот за преговори со ЕУ
(ФОТО) Заев и Мицотакис седнаа на иста маса во Атина
Од опозиционер-националист до премиер-реалист: Мицотакис за Договорот од Преспа