Медикоптерот на МВР е со вградена најсовремена медицинска опрема за интензивна нега на пациенти за итен медицински транспорт. Во придружба на пациентот е и искусен медицински тим за интензивно лекување
Пациент од Скопје е првиот што со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи денеска е транспортиран за медицински цели до Виена, Австрија.
Медикоптерот на МВР е со вградена најсовремена медицинска опрема за интензивна нега на пациенти за итен медицински транспорт. Во придружба на пациентот е и искусен медицински тим за интензивно лекување.
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2024/02/Medikopter-na-MVR4-1024x684.jpg)
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2024/02/Medikopter-na-MVR3-1024x683.jpg)
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2024/02/Medikopter-na-MVR2-1024x684.jpg)
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2024/02/Medikopter-na-MVR1-1024x684.jpg)
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2024/02/Medikopter-na-MVR-1024x684.jpg)
На денешното испраќање на пациентот присуствуваа дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и директорот на Градската Општа болница „8-ми Септември”, д-р Христијан Костов.
Бојмацалиев појасни дека употребата на медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
„Упатувам честитки до нашите тимови за темелната подготовка и соработка помеѓу МВР и медицинскиот персонал од Градската Општа болница ’8-ми Септември’, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи”,
рече Бојмацалиев.
Директорот на ГОБ „8ми Септември”, д-р Христијан Костов, рече дека со ова се докажа подготвеноста и кооперативноста на Министерствата за внатрешни работи и за здравство, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување на медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
Медикоптерот, „бел 212“, е на Министерството за внатрешни работи, опремен е со медицинска опрема за итен транспорт на високоризични пациенти, а беше промовиран во декември минатата година.
На денот на промовирањето, медикоптерот ја имаше и првата интервенција кога требаше да се спаси ловџија што паднал во длабок дол опкружен со карпи во близина на скопското село Буковиќ.
Леталото е обезбедено преку соработка со словенечката полиција, која донираше опрема за обновување на еден хеликоптер. Таа опрема може да се приспособи и за повеќе различни летала. За целосно да се замени опремата се потребни 15 минути, а до кое било место во земјата може да се стигне за четириесетина минути, за да се изврши итна интервенција. Градската општа болница „8 Септември“ од Скопје ќе го обезбеди стручниот тим што ќе го користи леталото и ќе ги придружува пациентите во него.