„На ова место пронајдени се 1 067 неексплодирани убојни средства од Првата светска војна, но очекуваме да пронајдеме уште толку, и поголема количина убојни средства бидејќи станува збор за некој импровизиран магацин или локација на која тие биле расфрлени бидејќи пиротехничарите пронашле измешани бомби со гранати“, изјави денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов
Отстранувањето на убојните средства на Тумбе Кафе го врши пиротехничарот на ДЗС, Ѓорги Стефанов од Битола, кој вели дека гранатите се пронајдени на длабочина од 50 до 60 сантиметри од земјиштето на кое се гради приватен објект
На локацијата Тумбе Кафе во Битола, на место предвидено за изградба на приватен објект досега се пронајдени вкупно 1 067 неексплодирани убојни средства останати од Првата светската војна, соопшти денеска на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Како што информира тој во изјава за новинарите од самото место, на стотина метри од куќите во Тумбе Кафе се пронајдени рачни бомби и минофрлачки гранати, но, како што додаде, има и тромблонски гранати, што укажува дека ова место најверојатно имало импровизиран магацин за чување оружје за време на Првата светска војна.
Ангелов очекува пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување да најдат поголема количина неексплодирани убојни средства, поради што локацијата е обележана и движењето на неа засега е забрането.
„На ова место пронајдени се 1 067 неексплодирани убојни средства од Првата светска војна, но очекуваме да пронајдеме уште толку, и поголема количина убојни средства бидејќи станува збор за некој импровизиран магацин или локација на која тие биле расфрлени бидејќи пиротехничарите пронашле измешани бомби со гранати“,
изјави Ангелов.
Отстранувањето на пронајдените опасни воени средства, како што наведе Ангелов, се врши постепено и во фази. Брзање, рече тој, не е потребно бидејќи безбедноста на граѓаните и на стручните лица од ДЗС е на прво место.
Пронајдените гранати, информира директорот, се уредно складирани во магацин на Дирекцијата и во моментот се чека одобрение од Министерството за одбрана за нивно уништување на полигонот „Криволак“.
Додека стручните екипи не се осигураат дека местото е исчистено од гранатите, како што кажа Ангелов, движењето на локацијата ќе биде забрането и ќе има зголемени патроли и присуство на полицијата.
„Апелирам до граѓаните да се избегнува движењето околу ова место и да нема движење околу оваа локација“,
рече тој.
Ангелов посочи и дека во овој момент Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) располага само со двајца пиротехничари – еден од Битола и еден од Штип, кои интервенираат на територијата на цела држава.
„Во наредниот период планираме набавка на специјално транспортно возило и прилагодување на постоечките возила што би ги исполнувале минималните безбедносни стандарди за транспорт на опасни неексплодирани средства“,
рече директорот на ДЗС.
Отстранувањето на убојните средства на Тумбе Кафе го врши Ѓорги Стефанов од Битола, кој потврди дека гранатите се пронајдени на длабочина од 50 до 60 сантиметри од земјиштето на кое се гради приватен објект.
Првата пријава, кажа, стигнала на 27 март.

„Првата пријава за пронајдените убојни средства беше на 27 март, за што бев информиран од СВР Битола, а по прегледување на теренот констатирав поголема количина бомби и гранати. Дневно отстрануваме по 300 до 400 убојни средства, работиме околу еден месец и извадени се 1 067 убојни средства. Голема е веројатноста дека има поголема количина и ние ќе продолжиме со отстранување, но внимателно, за да се отстранат сите ризици бидејќи со погрешно копање бомбата може да се активира. Целиот процес мора да се одвива рачно бидејќи на овој терен не може да се работи со машина. Имајќи предвид дека нема регулатива, јас би предложил да се забрани градба додека не се испита теренот, односно ако некој гради на овој терен, најнапред да се испита теренот со поддршка на пиротехничар. Во секој случај внимателноста мора да биде висока затоа што пред неколку недели добивме дојава од СВР Битола дека на градското шеталиште во Битола се пронајдени три артилериски гранати од 75 милиметри кои потекнуваат од Првата светска војна“,
изјави пиротехничарот Стефанов.
Гранатите, како што посочи тој, биле пронајдени од деца кои копале ров за да направат скокалници за велосипеди и при копањето пронашле три гранати, кои биле безбедно отстранети.
„Според моите информации, во 2000 година на истото место биле пронајдени гранати, но постапката била прекината, а локацијата затрупана“,
рече Стефанов.
Локацијата на пронајдените бомби и гранати на Тумбе Кафе не е реткост во овој дел од градот бидејќи долги години тука опстојувале армиски касарни со воени магацини, а со новите урбанистички планови просторот е трансформиран во населба Златен Рид.
