Европските интеграции немаат издржана алтернатива, но тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции, рече шефот на државата во годишното обраќање пред Собранието
Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија избори и независно од емоциите што ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација, што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста, рече претседателот Стево Пендаровски во своето редовно годишно обраќање пред Собранието зборувајќи за блокадата од Софија на почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ.
„Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји членки на Европската Унија и на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои би бил рамен на геноцид“,
рече Пендаровски.
Тој нагласи дека, откако нашиот пат кон Европската Унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите.
„Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“,
истакна шефот на државата.
Внимателен пристап во преговорите
Тој рече дека од почетокот на бугарската блокада се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, како што посочи, се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, „а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник“. Нагласи и дека од неодамна во Бугарија има нова влада и претседател со нов мандат, кои испраќаат и поинаку интонирани пораки.
„Со дел од нив сум целосно согласен. Акцентот во нашите односи да го пренесеме од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 века, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за Коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на Коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси“,
рече Пендаровски.
Тој посочи дека граѓаните треба да бидат мирни затоа што веќе нема простор застојот на евроинтеграцискиот процес да предизвика безбедносна дестабилизација.
„Сакам да се реферирам и на една теза која ја слушаме во последно време, а тоа е дека пролонгираната состојба на ’статус кво’, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. Сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската Унија сите членки, освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите“,
оцени претседателот во обраќањето пред пратениците.
Нема опасност од безбедносна дестабилизација, ама можно е демократско уназадување
Пендаровски потенцира дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но тие, како што рече, секако имаат своја цена.
„Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока. Да повторам, нашите граѓани можат да бидат спокојни и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација, независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат. Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008 г. не учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија. Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир“,
рече Пендаровски.
Тој оцени дека преголемата фокусираност на преговорите со ЕУ го фрли во втор план она што е суштина во меѓународните односи – процесите на градење добри билатерални односи, пред сè, со земјите со кои споделуваме исти цели и вредности.
„Во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада, со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание на билатералните релации кои опфаќаат многу повеќе аспекти, отколку само поддршка за членство во Европската Унија“,
рече шефот на државата.