Оваа недела се одбележа Меѓународната недела на глуви лица, преку подигање на свеста за значењето на знаковниот јазик, како нивен лингвистички идентитет и основно средство за комуникација
Со низа активности, Националниот сојуз на глуви и наглуви лица ја одбележа Меѓународната недела на глуви лица, која, според календарот на ОН е последната недела од септември, а целта е да се подигне свеста за правата на глувите лица и да се признае употребата на знаковните јазици во сите аспекти од општествениот живот.
Оваа година, нашата земја додаде уште еден сегмент во оваа битка за остварување на основните човекови права на лицата со ваков инвалидитет. Тоа е здружението „Млад знак” во кое членуваат млади лица со оштетен слух и говор кои со својот елан, пожртвуваност и енергија ќе се обидат да да се чуе нивниот глас преку промовирањето на нивниот природен јазик – знаковниот, кој е нивен лингвистички идентитет и основно средство за комуникација.
„Раното откривање на оштетувањето на слухот кај децата и обезбедување пристап до знаковен јазик во раното детство е многу важно за развојот на глувите деца. Затоа е неопходно воведување на неонатален скрининг на слухот во нашата држава, кој ќе ги опфати сите новоренчиња, без исклучок. Само на тој начин навремено ќе се открие оштетувањето на слухот и ќе може да се започне со интервенција, која ќе вклучува и услуги за бесплатно изучување на знаковниот јазик за семејствата на глувите деца“,
вели Христина Божиновска Ѓикова, претседателка на ова здружение, кое официјално постои од оваа година.
Христина, која и самата наскоро ќе стане мајка, вели дека 95 проценти од глувите деца се раѓаат од родители што слушаат, кои не се информирани за постоењето на знаковниот јазик и важноста на неговата употреба во комуникација со нивните глуви деца.
Затоа повеќето од овие деца многу доцна или воопшто не се изложуваат на знаковниот јазик, што може да резултира со задоцнет когнитивен развој и помалку шанси успешно да се совладаат јазикот и комуникацијата.
Доколку семејствата имаат пристап до знаковниот јазик, веднаш по откривање на оштетувањето на слухот кај нивното дете, и го користат во секојдневната комуникација во домот, тоа ќе помогне во развојот на јазикот и збогатување на вокабуларот на нивните глуви деца, ќе ја олесни комуникацијата помеѓу членовите на семејството и ќе им овозможи на децата полесно да ги искажат своите потреби и мислења, да напредуваат и да се развиваат.
Мотото на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост е „Ништо за нас, без нас”. Тоа значи дека секоја иницијатива која се презема во прилог на глувите лица, треба да се направи во консултација со нив преку организациите кои ги претставуваат, во секој чекор од постапката.
Сепак, за да се обезбеди соодветна и значајна финансиска поддршка според реалните потреби на глувите лица, мора да се обезбедат точни податоци за бројот на глуви лица поделени според пол, возраст, степен на образование, степенот на употреба на знаковниот јазик, попреченост и вработеност. Во таа насока е токму и формирањето на „Млад знак“ кое ја опфаќа младата популација со оштетен говор и слух во нашата земја.
Меѓунaродната недела на глувите лица започна со одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик – 23 Септември.
„360 степени“ преку нашите соговорнички Кристина и Даниела даде свој придонес во доближувањето на знаковниот јазик до пошироката јавност, преку претставување на азбуката и неколку зборови и фрази кои се користат во секојдневниот живот.