Очекува за околу 20 дена карго-возовите да ја користат обновената делница, што ќе придонесе за намалување на загадувањето во Скопје и за поефикасен товарен железнички сообраќај на Коридорот 10
Најави дека најдоцна до 1 септември треба да биде пуштена во употреба и првата линија на Градскиот воз, која ќе сообраќа на релацијата од Зелениково преку Драчево до центарот на Скопје
Завршена е реконструкцијата на железничката обиколница околу Скопје на делницата Драчево – Илинден, со што се создаваат услови товарниот железнички сообраќај да се пренасочи надвор од градот, соопшти денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП „Железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски, извршија увид и тест-возење на обновената делница.
По оваа пруга ќе сообраќаат исклучиво товарни возови, што се очекува да придонесе за подобра организација на железничкиот транспорт и поефикасно функционирање на Коридорот 10.

„Драго ми е што денеска го правиме тест-возењето на обновената железничка обиколница на Скопје, односно на делницата меѓу Драчево и Илинден, со која товарните возови се вадат надвор од градот“,
рече тој.

Според него, реализацијата на овој проект значително ќе придонесе за заштита на животната средина и за намалување на загадувањето во Скопје, имајќи предвид дека товарните возови веќе нема да сообраќаат низ централното градско подрачје.
Проектот, како што посочи, е реализиран од ЈП „Железници – инфраструктура“ и е завршен во краток временски рок. Во тек е тест-периодот, по кој ќе следува технички прием.
„Очекувам за околу дваесет дена карго-возовите да почнат да ја користат оваа делница. Со тоа, ќе се придонесе за намалување на загадувањето во Скопје, но и за побрз товарен железнички сообраќај на Коридорот 10, што ќе овозможи повеќе транспорт, повеќе бизнис и подобра искористеност на македонската железничка инфраструктура“,
вели Николоски.
Најави дека најдоцна до 1 септември треба да биде пуштена во употреба и првата линија на Градскиот воз, која ќе сообраќа на релацијата од Зелениково преку Драчево до центарот на Скопје.
Проектот „Градски воз“ предвидува од железничката станица во селото Зелениково до главната железничка станица во центарот на Скопје да се патува за околу 25 минути, додека релацијата од Драчево до центарот на градот ќе се поминува за 11 до 13 минути.
