Од невремето во главниот град, досега има пријави за паднати дрвја, од кои едно оштетило автомобил, а опасност преставува и откачен олук од зграда во населбата Аеродром
По Полошкиот Регион, невреме проследено со силен ветер, пороен дожд, силни грмежи и појава на град го зафати и Скопје, каде што има пријави за предизвикани штети.

Невреме, како што информираа од Управата за хидрометеоролошки работи, има и во Куманово.
Од УХМР велат дека околу Скопската Котлина и Куманово има неколку развиени јадра на нестабилна воздушна маса.
Според пријави од граѓани, од паднато дрво е оштетен автомобил во близина на Тутунскиот комбинат во центарот на Скопје.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека во 20:30 часот на единствениот телефонски број за итни случаи била добиена пријава дека од силниот ветер се откачил олук од зграда на булеварот АСНОМ во населбата Аеродром и претставува опасност за безбедноста.
„Пријавителите во моментот го држат на нивната балконска тераса за да не падне и да не предзивика штета“,
велат од ЦУК и додаваат дека од Регионалниот центар е известена Општина Аеродром.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира и за паднато дрво на булеварот „Јане Сандански“, спроти трговскиот центар „Капитол“ во населбата Аеродром.

Пријава за паднато дрво кое го попречува сообраќајот, според ЦУК, има и на клучката кај Радишани кон Бутел.
Од невремето во Куманово има информација за поплавена куќа на улицата „Народна револуција“.
Невреме кое предизвика штети имаше и во Полошкиот Регион. Од ЦУК информираа за поплавени дворови од семејни куќи, излеани канализации и оштетени автомобили.
Од Кризниот штаб на Општина Тетово во Регионалниот ЦУК информирале дека од невремето бил блокиран локалниот пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна, кој бил поплавен, а едно возило било заглавено.
Тетово и Скопје во неделата на 23 јуни беа зафатени од силно невреме кое предизвика значителни материјални штети.