Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пристигна во претседателската вила „Водно“ на средба со претседателот Стево Пендаровски, која ја договорија во средата во телефонски разговор.
Од фотографиите од пристигнувањето може да се забележи дека тој е во друштво на пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
На средбата се очекува тие да разговараат на две теми – едната во врска со судските процеси за „27 април“ и втората за актуелната политичко-економска состојба.
Претходно, Мицкоски на брифинг со новинарите рече дека на ваков начин се одмрзнуваат односите меѓу партијата и претседателот, затоа што, како што посочи, на земјава итно ѝ е потребен дијалог меѓу политичките чинители.
Пендаровски, пак, во кратка изјава за медиумите прокоментира дека е добро што по девет месеци некомуницирање се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија.
