МВР информира дека во дворот на куќата на едното лице е пронајден насад со растението „канабис сатива“ и четири пакувања марихуана. Во домот на другото лице, пак, пронајдени се 38 боеви куршуми калибар 7,9 мм, осум боеви зрна и еден боев куршум со непознат калибар. Двете лица се приведени
Две лица од Гевгелиско се приведени откако полицијата при претрес на нивните домови пронашла марихуана и муниција, информира МВР.
При претрес на домот на Б.Ѓ. (46) во село Моин, гевгелиско, во дворот бил пронајден насад со растението „канабис сатива“, а во дневната соба се пронајдени четири пакувања марихуана.
Тој, како што информира МВР, е притворен во полициската станица во Гевгелија, а за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.


Полицијата информира оти извршила претрес и во домот и помошните простории на А.К. (29) во истото село при што се пронајдени 38 боеви куршуми калибар 7,9 мм, осум боеви зрна и еден боев куршум со непознат калибар.
Лицето е лишено од слобода, додаваат од МНР, а против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 396 од Кривичниот законик.


Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека ќе продолжат со преземање интензивни мерки и активности за сузбивање на недозволената трговија со наркотични дроги и оружје.