Од Владата велат дека Макрон и Ковачевски се согласни оти не смее повеќе да се одложува процесот на евроинтеграција и дека овој пат поддршката од Франција нема да изостанува

Франција сака да ја види Северна Македонија успешна и интегрирана во ЕУ, рекол францускиот претседател на средба со премиерот Димитар Ковачевски, соопштија од владината прес-службата.
Двајцата се сретнаа за време на престојот во Братислава каде учествуваат на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023.

„Премиерот му се заблагодари на францускиот Претседател за неговиот личен ангажман во процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија во Унијата. Соговорниците се согласија дека не смее да има одложување на процесот на евроинтеграции, и затоа, и овој пат нема да отсуствува поддршката од Франција и меѓународната заедница во натамошните етапи и предизвици на патот кон членство во ЕУ“,
велат од Владата.
Според соопштението оттаму, двајцата посочиле дека сега е момент да се направи исчекорот кон ЕУ.

„Претседателот Макрон ја поздрави одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцира дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција. Ковачевски и Макрон се согласија дека сега е момент да се направи јасен исчекор во пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ“,
велат од Владата.
На средбата со Макрон, од македонска страна присуствувал и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
