Веќе им е јасно на сите дека Германија и Франција имаат изработено работен документ кој се однесува на стратешките промени кои треба да се направат. Јас тоа не можам да го коментирам во моментот, бидејќи станува збор за работен документ, а не финален документ и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено, и сметам дека тоа што стои како предлог во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите од регионот, рече Ковачевски пред новинарите по пристигањето во Гранада, Шпанија, каде што денеска почнува третиот Самит на Европската политичка заедница
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска околу пладне пристигна во Гранада, Шпанија, каде што ќе учествува на третиот Самит на Европската политичка заедница.

При самото пристигање во објектот каде што ќе се одржи Самитот, Ковачевски пред новинарите истакна дека станува збор за исклучително важен состанок на Европската политичка заедница, на кој, како што рече, присуствуваат претставници на сите земји од Европа, со исклучок на Русија и Белорусија.
„Една од главните теми којашто е од најголемо значење е и проширувањето на Европската Унија. Знаете дека после долго време на агендата на Европската Унија е проширувањето. Ќе разговараме, нормално, и на теми коишто се однесуваат и на дигитализацијата и на воведувањето на вештачката интелигенција, сѐ со цел да се подобрат услугите за граѓаните и тоа ќе биде една од работните средби на кои јас ќе учествувам заедно со премиерите на Италија, на Франција, на Обединетото кралство и низа други, претставникот на Европскиот парламент и на Европската комисија“,
рече Ковачевски.
Како значаен момент, премиерот го посочи и неформалниот состанок на Европскиот совет на кој ќе се разговара токму за прашања кои се значајни за нас.
„Тоа е пред сѐ мирот и безбедноста во Европа, поддршката на Украина, но исто така и проширувањето на ЕУ. Како што најави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред повеќе од еден месец, во ЕУ веќе има дебата околу подготовките за прием на нови членки од една страна и од друга страна процесите за пристапување кои самите земји членки ги имаат со Европската Унија“,
рече Ковачевски.

Во тој поглед, според Ковачевски, С Македонија е во одлична позиција, имајќи предвид дека минатата година ги почна преговорите со Европската Унија. Од друга страна, изјави тој, ЕУ има стратешки интерес за проширување и веќе отворен процес за нејзино приспособување за прием на нови земји членки.
Двата процеси, дебата во ЕУ за потребата од реформи за прием на нови членки и исполнувањето на задачите од земјите кандидатки, како што рече премиерот, одат паралелно.
„Ова оди паралелно затоа што во иднина ЕУ ќе треба да функционира со поголем број на земји членки од актуелниот. Што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред сѐ тука мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на прилагодувањето за функционирање со повеќе земји членки“,
изјави Ковачевски за новинарите пред Самитот што почнува денеска.
Говорејќи во тој контекст, премиерот го спомна работниот документ подготвен од Германија и Франција, кој се однесува на стратешките промени што треба да се направат, за да може Унијата во блиска иднина да биде подготвена за прием на нови членки.
Македонскиот премиер беше воздржан за коментар околу документот познат како Француско-германски предлог, но оцени дека тој е позитивен за С Македонија и за земјите од регионот.
Документот, односно извештајот насловен „Пловење по отворено море: Реформирање и проширување на ЕУ за 21. век“, подготвен од германски и француски експерти, предлага, пред следното проширување, ЕУ да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во што е можно повеќе области и да спроведе бројни реформи на повеќе нивоа, како и да се посвети на целта да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година.
„Веќе им е јасно на сите дека Германија и Франција имаат изработено работен документ кој се однесува на стратешките промени коишто треба да се направат. Јас тоа не можам да го коментирам во моментот, бидејќи станува збор за работен документ, а не финален документ и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено, и сметам дека тоа што стои како предлог во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите од регионот“,
изјави Ковачевски.
Инаку, првото прашање кое му беше упатено на Ковачевски од новинарите во Гранада се однесуваше на претседавањето на С Македонија со ОБСЕ и предизвиците со кои се соочува поради опструкциите од страна на Русија, кои ја доведуваат во прашање судбината на Организацијата.
„Ние претседаваме со ОБСЕ во најтешката година, како што сите сме свесни за тоа и нашето претседателство прави сè што може за Организацијата да продолжи да биде најважната организација за безбедност во Европа. Свесни сме дека постојат предизвици, особено внатре во организацијата во врска со Русија и Белорусија и ние сме во постојана комуникација сѐ со цел да ги придвижиме процесите кон мирна Европа. Но, да имаме мирна Европа е првата работа којашто ни е потребна за да запре војната во Украина и Украина да го сочува својот територијален интегритет и да ги исполни своите цели и целите на луѓето на демократска Украина да имаат суверена држава. И ќе продолжиме до крајот на нашето претседателство да бидеме држава којашто ќе ги земе предвид сите важни мислења, сите важни ставови и ќе организира успешен самит до крајот на годината. Ние сме во подготовки во овој момент и не можам да ви ги дадам сите детали, но министерскиот совет е во подготовка да се одржи во декември во Скопје“,
изјави Ковачевски.

На Самитот учествуваат лидери од вкупно 47 земји, од кои 27 земји членки на Европската Унија, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азербејџан, Грузија, Турција и Украина. Учество на третиот Самит на ЕПЗ ќе земе и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Премиерот Ковачевски ќе учествува на пленарна сесија, а потоа, со лидерите на Шведска, Франција, Обединетото Кралство, Италија, Хрватска, Лихтенштајн, Бугарија и Албанија, како и Европската комисија и Европскиот парламент, ќе земе учество на тркалезната маса посветена на дигитална транзиција и вештачка интелигенција.
Во рамките на третиот Самит на Европската политичка заедница, предвидено е премиерот Ковачевски да оствари билатерални средби со премиерот на Ирска, Лео Варадкар, и премиерот на Холандија, Марк Руте.
Европската политичка заедница е платформа за политичка координација за европските земји ширум континентот, чија цел е еднаш до двапати годишно да ги собере лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството. Првиот самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година, по што во јуни годинава следуваше самит во Кишињев, Молдавија.