Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа, рекол Зеленски на средбата со Ковачевски и Рама
На маргините на вториот самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија, премиерот Димитар Ковачевски заедно со албанскиот колега Еди Рама одржа средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Премиерот, велат од Владата, ја истакнал силната поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина од почетокот на воената агресија од Русија.
„Северна Македонија ја осуди бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина. Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да го трасира самостојно својот пат. Обезбедивме и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка во секоја форма која на Украина ѝ е потребна“,
истакнал Ковачевски.
Тој потсетил и оти земјава е дел од основачката група за формирање посебен меѓународен суд за кривичните дела од воената агресија, а нагласил и дека Украина е меѓу приоритетите при претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, како и дека земјава ја поддржува евроатлантската интеграција на Киев.





Зеленски, пак, се заблагодарил за поддршката која украинскиот народ ја добива од Северна Македонија и истакнал дека таа доаѓа во клучни моменти.
„Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа“,
рекол Зеленски.
На средбата присуствувал и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, а од видеото и фотографиите што го споделија од владината прес-службата се гледа како пред почетокот на средбата премиерот и украинскиот претседател срдечно се поздравуваат и прегрнуваат.