Во пожарот што избувна околу 21 часот, според она што може да се види на терен, целосно изгоре модуларната ковид-болница во Клиничкиот центар во Тетово.
Во пожарот има и жртви, потврди Министерството за здравство, но точниот број на загинати сѐ уште се утврдува.
Дополнително се очекуваат и информации за повредените и во каква состојба се во моментов.
Пожарот е веќе изгаснат, а повредените се транспортираат во Скопје.
На терен е и министерот за здравство Венко Филипче, а таму е и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која во кратката изјава рече дека исто така нема информации за жртви и повредени. Нејзините информации, рече таа, се дека пожарот избувнал многу бргу.
Вториот човек на Тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, потврди дека има жртви во пожарот, но, како што рече, не би можел да го каже нивниот број.
Премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и министерот за здравство Венко Филипче вечерва стигнаа кај модуларната ковид-болница во Клиничкиот центар во Тетово.