Штом ќе се смират временските услови и ќе се создадат услови, од Хрватскиот автоклуб (ХАК) велат дека патничките возила повторно ќе се пропуштаат кон Далмација
Поради хаосот на патиштата во Хрватска, се воведува дополнителна железничка линија на релација Загреб-Сплит. Денес редовен двоен воз со околу 270 седишта поаѓа од Загреб за Сплит во 15:19 часот, а во 17:15 часот ќе тргне и дополнителен воз со 180 седишта
Откако беа пропуштени одреден број патнички возила од автопатот А1 во правец од Лика кон Далмација, временските услови се влошија, што значително влијае на безбедноста во сообраќајот, а формирањето и пропуштањето колони возила е привремено стопирано, велат од Хрватскиот автоклуб.





Штом ќе се смират временските услови и ќе се создадат услови, од ХАК велат дека патничките возила повторно ќе се пропуштаат кон Далмација.
Затворени за секаков сообраќај, поради ветер и снег, се повеќе патишта во Далмација. Целосен хаос е на автопатот А1 каде што утринава започна формирањето на колоните кои требаше да се симнат од автопатот кај клучката Горња Плоча и да продолжат по стариот пат кон Далмација. Паралелно се формирале конвои од Госпиќ до Грачац.
Едната колона успеала да се придвижи кон Грачац, но околу 11:30 часот е донесена одлука пропуштањето на колоните да биде прекинато до понатамошно известување поради новото влошување на временските услови.
Втората колона која е формирана кај одморалиштето (покрај патот) Зир (Мацола) останала на автопатот.
Репортерот на хрватската телевизија „Нова“ на Твитер објави видеа од колоните возила кои стојат на патиштата.
Синоптичарите веќе подолго време најавуваат лошо време. Оттаму велат дека невремето полека стивнува, но обилните снежни врнежи и дождот и понатаму предизвикуваат проблеми.
Во спортската сала во Госпиќ згрижени се околу 200 луѓе, на кои им е обезбедена храна и сите сега чекаат да се смири времето за да го продолжат патот до дестинации до кои не можат да стигнат поради силен снег.
„Луѓето спиеја безбедно, појадуваа, децата и нивните родители веќе излегоа малку на снег, атмосферата е навистина добра, жива. Сите ни се многу благодарни и сега само чекаме патиштата да бидат проодни, кога временските услови се создадени за да можат да го продолжат патувањето“,
изјави началникот на Прифатниот центар за цивилна заштита, Јосо Живковиќ.
Поради хаосот на патиштата во Хрватска, се воведува дополнителна железничка линија на релација Загреб-Сплит. Денес редовен двоен воз со околу 270 седишта поаѓа од Загреб за Сплит во 15:19 часот, а во 17:15 часот од Загреб кон Сплит ќе тргне и дополнителен воз со 180 седишта.
Интензивните врнежи од снег, проследени со силен ветер во Лика и Горски Котар, ја отсекоа Далмација од остатокот од Хрватска и предизвикаа целосен колапс на сообраќајот. Утрово, како што јавија хрватските медиуми, немаше прооден патен правец за ниту една група возила од Далмација кон внатрешноста и обратно.