Претседателката ги охрабрила натпреварувачите да веруваат во сопствените можности и да го дадат максимумот, нагласувајќи дека победата е највредна кога е извојувана во фер борба

Покажете ја препознатливата македонска спортска сила, нескротливата борбеност и нескршливиот дух, им порачала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на македонските спортисти кои учествуваат на 20. Медитерански игри во Таранто, Италија.
Претседателката ги охрабрила натпреварувачите да веруваат во сопствените можности и да го дадат максимумот и преку витешка игра да ја манифестираат македонската спортска енергија на големата медитеранска спортска сцена, нагласувајќи дека победата е највредна кога е извојувана во фер борба.
Сиљановска-Давкова, при денешната посета на Медитеранското (олимписко) село, на спортистите им рекла дека спортот е повеќе од натпревар за резултат, тој е школа за формирање на цврст карактер преку преземање одговорност и вежбање истрајност.
Според неа, преку спортот се обликува и негува не само личниот, туку и колективниот и националниот идентитет.
Спортските резултати и успеси, напоменала таа, го јакнат единството на младите, надминувајќи ги разликите.
Таранто, како спортски мегдан деновиве, смета таа, ќе биде место на коешто нашите спортисти имаат шанса достоинствено да ја претставуваат државата.
Таа верува дека Медитеранските игри овозможуваат промоција на вистински вредности преку спортска дипломатија.
Претставниците на Олимпискиот комитет ја информирале претседателката дека ова е четврто учество на македонски спортисти на Медитеранските игри од независноста, а таа е првиот претседател на државата што присуствува на истите.
На Игрите настапува најбројната македонска делегација досега, составена од 130 членови, од кои 88 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 19 спортски дисциплини, во индивидуални и колективни спортови.
