Студентите бараат промена на самиот систем и велат дека следен чекор ќе им биде иницијатива за воспоставување календар на активности на кои МОН ќе треба да се придржи и да има навремена исплата на сите студентски мерки. Ќе бараат, како што рече, и промена во Законот за студентски стандард

„Некој за парите клети, ние за идеалите свети“, „Од нашата држава ли ќе нè бркате“, „Следна рата на 1 април?“ беа дел од транспарентите кои ги носеа студентите на денешниот протест додека извикуваа „Сакаме промени, сакаме одговорност“, а на Министерството за образование и наука (МОН) му дадоа „црвен картон“.
Организатор на едночасовниот протест, кој почна во 14 часот пред зградата на МОН, е Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кое соопшти дека студентите го креваат гласот обединети, а имаат поддршка и од универзитетските студентски собранија на државните универзитети „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“, како и од приватните универзитети АУЕ-ФОН и Американ колеџ. На протестот учествуваа и од неформалната организација „Студентски отпор“.




Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и, како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.
Претседателот на УСС на УКИМ, Александар Николовски, изјави дека се револтирани поради неисплаќањето стипендии и други субвенции за студентите и рече дека се залагаат студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен.
„Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН. Во фејсбук-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивно исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција“,
изјави Николовски.

Николовски рече дека бараат промена на самиот систем и дека следен чекор ќе им биде иницијатива за воспоставување календар на активности на кои МОН ќе треба да се придржи и да има навремена исплата на сите студентски мерки. Ќе бараат, како што рече, и промена во Законот за студентски стандард.
Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ рече дека на протестот се сите заедно и се сплотени во барањето на промените, кои како што додаде ги заслужуваат.
„Бараме да не слушнат институциите и конечно да го уважат нашиот глас“,
рече Ѓошева.
Студентите на протестот го повикуваа министерот да се симне меѓу нив, а поканата, која стигна од него, за средба во МОН, ја одбија.
На неколку часа пред денешниот протест, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, прво преку фејсбук-објава, а потоа и преку соопштение испратено од МОН, објави дека стипендиите на студентите им се исплатени.
Министерот ги повика студентите да ги искористат концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите и апелира да не дозволуваат да бидат, како што вели, изманипулирани од дезинформации и злонамерни повици.